Филипче: Само задоволни здравствени работници може да значат и задоволни пациенти

Мора да сме свесни дека сите ние самите сме носители на сопственото здравје. Самите мора да сфатиме дека треба да сме физички активни, да избегнуваме храна во која има штетни докажани предизвикувачи на болести, како и пушење цигари и да одиме на превентивни прегледи. Како здравствен систем ќе правиме сè исто како и во изминатите две години, за да го зајакнеме системот и да ја зголемиме достапноста до здравствените услуги и нивниот квалитет, изјави за МИА министерот за здравство Венко Филипче, упатувајќи препораки до граѓаните за 2020 година.

Најави дека ќе продолжи трендот на вработувања, зголемување на платите, иста политика кон сите нови специјализанти, дури и тие кои се запишуваат на специјализација да бидат платени исто како групата која првпат ја платиле пред година и пол.

– Од нашите разговори, од секојдневната комуникација со колегите лекари и медицинските сестри тие навистина се задоволни од зголемувањето на платите досега, но посебно и тоа што ќе следи и во февруари заради тоа што ова зголемување е рекордно и никогаш немало вакво зголемување на примањата на здравствените работници, рече Филипче во врска со тоа дали годинава ќе има задоволни доктори и пациенти.

Посочи дека ќе продолжат со тој тренд и годинава толку колку што дозволуваат сите економски параметри во државата. Досега, нагласи, бројките се одлични во делот на странски инвестиции, приходите во буџетот, така што само задоволни здравствени работници може да значат и задоволни пациенти и соодветен третман.

– Продолжуваме и со проектот за Клинички центар заради тоа што тоа е капитален проект како за секторот здравство така и генерално за нашата економија, заради тоа што нашите граѓани заслужуваат да имаат таков високоразвиен модерен медицински центар во кој ќе ги добијат најсовремените медицински услуги.

На фактичката изградба на објектот на Клиничкиот центар, појасни, ќе претходат многу други инфраструктурни проекти, за што ние веќе префрливме пари од Владата, од Министерството за здравство на Општина Ѓорче Петров за инфраструктурно средување во однос на пристапните патишта, водоснабдување, снабдување со електрична енергија и тоа се работи што многу скоро ќе почнат.

– Во рамките на Министерството за здравство се одвива конкурентниот дијалог, завршена е првата фаза во која имаа право да аплицираат сите заинтересирани економски оператори, останаа два еден од Франција и еден од Германија и во периодот што следува треба да почне и фазата на дијалог. Паралелено на сето ова во рамките на Министерството за финансии се одвива дијалог со потенцијалните инвеститори заради тоа што сумата што треба да се обезбеди ќе биде од заем, рече Филипче.

Во врска со изградбата на Клиничката болница во Штип, рече дека по нешто подолг период на чекање и одложување на работите заради тоа што изведувачот имал промена во политиката и промена на неговите подизведувачи веќе работниците се на терен, се работи на фасадата. Изрази уверување дека во периодот што следува уште поинтензивни ќе бидат активностите и на останатите сегменти од проектот.

Годинава, најави министерот, се планира набавка на нова опрема за повеќе јавни здравствени установи.

– Првпат магнетна резонанција ќе добијат болниците во Прилеп, Охрид и во Гостивар, компјутерски томограф ќе добие болницата во Гевгелија, каде што при крај е градбата на крилото во кое ќе се добие уште една операциона сала, истакна Филипче.

Додаде дека ќе продолжи трендот на регионализација со продолжување на надградувањето на знаењата на лекарите со поддршка од клиниките во Скопје, поради што е сменет Законот за здравствена заштита за да направат одредена услуга подостапна за граѓаните во градовите каде што нема таква експертиза, специјалност.