Весело и со многу желби прилепчани ја пречекаа Новата година

Со богат огномет и пораки за радост, здравје, посреќна, побериќетна и понадежна година, прилепчани на градскиот плоштад „Методија Андонов Ченто“ ја пречекаа Новата 2020 година. Времето беше пријатно па и измами прошетки во новогодишната ноќ. Веселото расположение  беше во домовите, во угостителските објекти, а во Новогодишната ноќ не изостанаа ниту петардите.

Одбројувајќи ги заедно последните мигови на старата и пречекувајќи ги првите на Новата година, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски им упати на сограѓаните желби за добро здравје, радост и среќа, но и пораки за заедништо и хармонија.

-Од годината што измина да ги памтиме позитивните и добрите работи кои ги понесуваме во Новата 2020 година и така ќе ни биде подобра. Испраќам порака, да имаме меѓусебно разбирање, почитување, толеранција. Само така Новата 2020 година ќе ни биде побогата, побериќетна и посреќна. Сите семејства во нашиот град да имаат мир, спокојство, благосостојба, рече Јованоски.

За доброто расположение на градскиот плоштад „Методија Андонов Ченто“ се погрижија Теодора Зероска, Мила Москов и групата „Прилепски еснаф“.