ВМРО-ДПМНЕ за министер за труд и социјална политика во техничката влада ќе ја предложи д-р Рашела Мизрахи, за заменик-министер за земјоделство Цветан Трипуновски, за заменик – министер за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и за заменик-министер за информатичко општество и администрација Невенка Стаменковска Стојковски.
Техничката влада која се очекува да биде избрана на 3 јануари, треба да ги спроведе предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 12 април 2020 години.
За технички министер за труд и социјална политика е предложена Рашела Мизрахи, која докторирала на Универзитетот Бар Илан во Израел, каде станува доктор на науки по биохемија. Има остварено научно истражувачки дејности од повеќе области на Универзитети во Израел, Канада и Македонија, како што се биохемија и молекуларна биологија на репродуктивни клетки на катедрата на проф. Хаим Браитбарт на Универзитет Бар Илан и менаџмент на генетскиот потенцијал во Онтарио, Канада.
Своето работно искуство го стекнува на Институтот за истражување во кардиологија – Њуфелд, Медицински Центар – Шива, Израел, како и на Физиологија на репродукција, лабораторија на Универзитетот Св. Кирил и Методиј и повеќе други обуки. Мизрахи работела како консултант на Глобалниот фонд во рамки на програмата за туберкулоза, на мониторинг на лабораторија во Израел, како и Асистент на катедрата за Физиологија при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” – Скопје.
Цветан Трипуновски, е ќе биде предложен за нов заменик министер за земјоделство. Тој има работено во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство како државен советник. Претходно од 2015 до 2017 година ја извршуваше и функцијата директор на Државниот земјоделски инспекторат, а во периодот од 2006 до 2008 година е прв човек на државната фитосанитарна лабораторија. Трипуновски од 2008 година до 2012 година беше пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, а од 2017 година е и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. По струка е дипломиран земјоделски инженер, а моментно е и постдипломец на Земјоделскиот институт во Скопје.
За нов заменик министер за финансии ќе биде предложена Гордана Димитриеска Кочоска. Димитриеска Кочоска е магистер по економски науки на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Вработена е во приватна компанија како финансиски консултант во областа на контролинг и финансии. Претходно работела во Стопанска Банка, во Македонски Телеком во секторот на даноци, во Министерство за финансии во Секторот за јавен долг, а воедно во одреден период е и директор за финансии во ЕЛЕМ, во времето кога со оваа компанија управуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Димитриеска Кочоска поседува обуки, професионални надградби и меѓународни сертификати од повеќе области, како што е анализа на финансиски извештаи, сметководствена аналитика, менаџирање, контрола и управување, завршила и Академија за контрола, во Менаџмент центар Белград, а лиценцирана од CA Akademie AG.
Актуелната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска Стојковски ќе биде предложена за заменик министер за информатичко општество и администрација. Претходно работела во Секретаријатот за европски прашања и во Агенцијата за странски инвестиции, каде што била координатор на економските промотори и работела на привлекување странски инвестиции. Таа е магистер по европско право и право на Европска Унија. Има знаење и пракса од повеќе меѓународни обуки како што е работа на прашања поврзани со ОН, организирана од секторот за мултилатерала на МНР. Била ангажирана на националната програма за усвојување на правото на ЕУ, координација на ЕУ фондови и други обуки.