Вода за граѓаните ќе има и покрај тоа што немаше врнежи од снег и дожд во значителни количини во кумановско, уверуваат одговорните од Водостопанство „Кумановско-липковско поле“. Капацитетите на браните Липково и Глажња се околу 80 проценти, односно околу 21 милион кубни метри од вкупниот капацитет кој изнесува 24 милиони кубни метри.
– Капцитетот засега е добар, зависи од временските услови, во зимскиот период кога се полнат браните и доколку нема врнежи до крајот на април, сезоната ќе ја започнеме со 80 проценти од капацитетот, што значи дека ќе се задоволат потребите на Комуналното претпријатие и на земјоделците, изјави, Оливер Илиевски, раководител на „Кумановско-липковско поле“.
Претпријатието има обезбедено 2,4 милиони денари за инвестиции, сопствени средства. Но, за крупните зафати, за санација на постоечкиот систем и за изградба на нов, надлежните на претпријатието се надеваат на соработка со локалните власти, Комуналното претпријатие и државата, со цел трајно решевање на проблемот со водоснабдување на Куманово и Липково.
– Техничката опременост на претпријатието е на многу ниско ниво, системот за наводнување е доста оштетен од конфликот во 2001-та, во рамките на можностите на водостопанство биле санирани некои дефекти, но немало доволно средства за инвестиции од покрупни зафати, рече Илиевски.
Претпријатието доставило проекти до Владата и очекуваат да се одвојат средства за инвестициска програма и за санација.
Што се однесува до долгогодишниот проблем за цената на сировата вода, која се провлекуваше повеќе од деценија, новото раководство на претпријатието е расположено за соработка со Комуналното претпријатие кое е најголем потрошувач.
– Водостопанство, претходно ја фактуирираше водата за 6,4 денари за метар кубен, по што Регулаторна комисија одлучи таа цена да биде 4,98, иако според наши информации се уште не е донесена на Влада, но заедно со „Водовод“ заеднички ќе работиме за правична цена на вода, со која и двете претпријатија нема да имаат штета, вели Илиевски.
Претходно, речиси цела деценија, раководствата на двете претпријатија кои доаѓаа од различни политички партии постојано спореа околу цената на водата, што резултираше со чести прекини на водоснабдувањето во Куманово.
Од Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ велат дека имаат потреба од стручен кадар за одржување на браните и работници за претпријатието, за што ќе побараат согласност од Министерството за финансии.