Крушево ќе биде полно за празниците, навестува и добра зимска сезона

Крушево е полно и се бара легло повеќе за новогодишните и за божиќните празници. Ова го потврдуваат хотелиерите, менаџерите и локалната власт. Сè е резервирано. Пополнети се над 400 легла во хотелите и преку 600 во приватното сместување.

Според Андријана Ристеска, хотелиер и сопственик на хотелот „Монтана Палас“ во Крушево, сѐ е полно и се очекуваат гостите.

-Во пресрет на 2020 година, целосно се исполнети капацитетите на  хотелот „Монтана“ и на Крушево. Се подготвуваме за одлична сезона, односно се надеваме дека временските услови ќе не послужат оваа година, како и топлата атмосфера кај нас, така и на скијачките патеки кои, се надеваме, ќе бидат на располагање и гостите ќе уживаат, рече Ристеска.

За градоначалникот на Крушево Томе Христоски, интересот за посета на највисокиот град на Балканот за празниците не е изненаување зашто има големи зафати за подобрување на туристичката карта, но е зголемен и бројот на туристите во споредба со минатите години.

-Крушево е подготвено за новогодишните празници. На 31 декември ја почнуваме годината со заедничка забава на градскиот плоштад „Никола Мартиноски“ со учеството на пејачката Викторија Лоба и на познати диџеи. Во Крушево од гостите се бара место повеќе и сместување, како во приватното сместување, така и во хотелите. Гостите за празниците очекувано се од државава, иако бројот на странските туристи се зголемува, истакна Христоски.

Очекуваат уште поголем број туристи со паѓањето на снегот. За разлика од минатите години, рече градоначалникот, има зголемување на бројот туристи за 20 до 25 отсто.Тоа се должи и на  подобрената  туристичка понуда.

– Се реконструираа скијачките терени на „Станич“, со нов капацитет, ресторан, а Општината објави тендер за издавање нови ресторански услуги. Има заинтересираност. Ќе се реконструира полетувалиштето за параглајдеристи на Мечкин камен со нова контролна зграда. Од 2020 година Крушево станува главен тренинг-центар за параглајдерство. Особено што еден од главните производители на опремата за параглајдеринг ќе присуствува во Крушево, објасни Христоски.

Кристина Пејчиновска од Параглајдинг инфо-центарот од Крушево изјави дека во секоја сезона има простор за параглајдерство.

– За целата оваа сезона имаме комлетно исполнета резервација, зашто временските прилики овозможуваат параглајдинг и во зимски услови, рече Пејчиновска.

Крушевчани се задоволни од посетителите и туристите, но сметаат и дека е потребно поголема реклама за Крушево како зимски центар и центар за релаксација.