Во Струмица промовиран шелтер центар за жртви од семејно насилство

Во Струмица синоќа беше промовиран шелтер центар за прифаќање и престој на жртви од семејно насилство. Центарот го изгради Здружнието „Скај плус“ во соработка со Општина Струмица и повеќе општествено одговорни компании.

Според Стојна Митева од „Скај плус“ тие изградиле дом за жртви од семејно насилство, кој е отворен за тие кои ќе имаат потреба од него.

– Дом во кој ќе можат да се чувствуваат сигурно, безбедно со сето она што значи социјална поддршка за крајната цел да биде од нашиот дом да излезат посигурни, постабилни и едноставно да застанат на свои нозе, рече Митева.

Таа додаде дека според статистиката на СВР Струмица, за девет месеци од оваа година се регистрирани 69 жртви на семејно насилство.

– Оваа бројка не е мала, но таа зборува дека ние навистина имаме проблем во Општина Струмица и како здружение на граѓани ќе се обидеме да го подигнеме проблемот на малку повисоко ниво, да им дадеме можност на сите жени да излезат од стигмата и да кажат не на насилството, потенцираше Стојна Митева од Здружението „Скај плус“ од Струмица.

Општина Струмица  во изградбата и опремувањето на шелтер центарот учествува со еден милион и 200 илјади денари, што е половина од вкупната сума.

– Секој човек, секоја жена треба да се чувствува безбедно во својот дом и средината во која живее. Ова е основно право кое ние како држава и општина мора да  го гарантираме. За да ја реализираме оваа цел, мора да работиме сите заедно и да воспоставиме ефикасни механизми, но и тесна соработка со невладиниот сектор и сите засегнати страни. Овој Шелтер центар е потврда дека може да се успее ако се работи така, рече градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Шелтер центарот е со површина од 200 квадратни метри, капацитет од осум места, од кои две за итна интервенција и 24-часовно згрижување. Истиот е комплекс од социјални услуги за лица жртви на семејно насилство, жени и деца, кои ќе бидат сместени за период до 6 месеци и ќе бидат насочени кон обезбедување на индивидуална поддршка, задоволување на секојдневните потреби и правно советување или социјално- психолошка помош кога е потребна итна интервенција преку тимови за мобилна кризна интервенција.

Центарот треба да почне со работа наскоро, по добивањето на дозволата за работа од министерството за труд и социјална политика.