По неколку часовна дискусија, мнозинството советници на денешната седница на Советот на Општина Штип го изгласаа Предлог буџетот на Општина Штип за 2020 година. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски истакна дека основниот буџет на општината изнесува 437 милиони денари или 7,1 милион евра, додека буџетот со блок додатициите од државата изнесува 991 милион денари или 16,1 милион евра. Според Бочварски буџетот е развоен и во него се предвидени средства за капитални проекти, меѓу кои и решавањето на сообраќајниот хаос во централното градско подрачје, со изградба на нова платформа на реката Отиња, кај Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ и поставување на конзоли над коритото на Отиња од црквата Свети Никола до мостот кај основното училиште „Ванчо Прќе“.
-Над 200 милиони денари се предвидени за капитални инвестиции за изградба на објекти, тротоари, улици , водоводи и канализација , новата платформа со 45 паркинг места која што треба да се гради кај Здравствениот дом, конзоли на Отиња и се она што е реална потреба на граганите, рече Бочварски.
Забележа дека најкапитален проект, кој ќе почне со реализација во 2020 година е изградбата на брана на река Отиња, средствата се обезбедени од страна на Владата, а во Програмата на Министерството за транспорт и врски за наредната година се обезбедени над 200 милиони денари.
Наредната 2020 година општината ќе започне со проектот за јавно приватно партнерство за ново модерно улично осветлување и изградба на спорстко реареаативниот центар Суитлак.
–Планираме дел од ставките коишто се значајни е да обезбедиме енергетски ефкасни фасади , да одвоиме средства за безбеден град за поставување на камери на најфреквентните крстосници. Буџетот за наредната година содржи реализација на капитални проекти, инфраструктурни проекти, проекти од областа на спортот , рече Бочварски.
Очекува следната година да биде изградена една трибина на Градскиот стадион, а до крајот на оваа да биде отворена детската градинка во населбата „Сењак“, што чини речиси еден милион евра и го решава проблемот со сместувањето на децата во градинките.