Министерството за економија и предлага на Владата да се разгледаат сите законски можности за раскинување на договорите за концесија во Лабуништа

Министерството за економија ја разгледува можноста за измени и дополнувања на Законот за минерални суровини во насока да сe разгледаат сите законски можности и да се преземат сите активности за одземање на концесиите за ископ на минерални суровини во околината на село Лабуништа, порачуваат од Министерството.

Во исто време, додаваат, работиме за да се изнајде долгорочно решение во случај кога е загрозена безбедноста и здравјето на локалното население.

-Министерството за економија согласно член 100 од Законот за минерални суровинии, врз основа на кој инспекцискиот надзор над спроведувањето на одредбите од истиот закон го врши Државниот инспекторат за техничка инспекција и инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите кои се однесуваат на животната средина го врши Државниот инспекторат за животна средина, предметната претставка ја препрати до споменатите инспекторати, со цел да извршат во најкраток можен рок вонреден инспекциски надзор над концесионерите кои гравитираат во подрачјето на село Лабуништа, велат од Министерството.

Додаваат дека континуирано ја следат состојбата на терен и оти се прават подготовки за вршење дополнителни анализи за да се утврди дали има основаност за раскин на договорите за концесија или, пак, има начини да се премостат несогласувањата и работата на концесионерите да се прилагоди кон барањата на жителите на Лабуништа.