Промовиран прирачникот „Пописот како новинарска тема“: Пописот е статистичка, а не политичка акција

Прирачникот за новинари „Пописот како новинарска тема“ беше промовиран денеска, чија цел е да помогне во едуцирано, општествено-одговорно пишување за пописот и неговата улога во унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.

– Пописот е статистичка, а не политичка акција. Покрај тоа што нашето општество има низа сериозни демографски проблеми како на пример намалување на стапките на наталитет и природен прираст, демографско стареење, одлив на младо работоспособно население, поларизирање на просторната разместеност, раселување на дел од селските населби итн., медиумите пишуваат само за етничкиот момент и проблемите околу тоа, се наведува меѓудругото во Прирачникот за новинари.

Јасна Бачовска Недиќ, автор на прирачникот и редовен професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, рече дека прирачникот е изработен во соработка со Македонската платформа против сиромаштија и со поддршка на Фондот на население при ОН со канцеларија во Скопје, чија цел се новинарите како еден многу битен општествен фактор и креатор на јавното мислење во државава, со цел да се акцентира улогата и значењето на пописот.

– Ние сме една од ретките држави што 18 години нема спроведено попис. Последниот попис е во 2002 година. Поразително е тоа што една ваква голема работа во општеството и државата, нечујно поминува. Пописот беше закажан за април 2020 година, но повторно се одложи и тоа откажување не беше соодветно проследено од страна на медиумите и новинарите, рече Бачовска Недиќ.

Според неа, една Влада е успешна ако успее да спроведе една ваква голема статистичка акција, што е еден и од критериумите за Европската Унија, каде, како што рече, исто така сме обврзани со некои препораки од страна на Обединетите нации, членки сме на глобално семејство и мораме да им дадеме ажурирани податоци за нашата земја.

– Целта е да направиме „врева“ во јавното мнение преку новинарите за значењето на оваа акција и оваа статистичка акција да не ја претвораме во политичко случување, како што има тенденција во нашето општество. Прирачникот е наменет за новинарите, со цел да им ги потенцира сите оние други страни на пописот, освен онаа политичка димензија која е најмногу акцентирана во нашата земја, бидејќи кај нас пописот се политизира, а со тоа се дава неговото значење за пребројување на двете големи заедници – албанската заедница и македонската. Значи целта на пописот не е тоа, пописот има и многу други димензии, кои се многу значајни за бизнис заедницата, за креирање на политиките на ниво на Влада, за граѓаните, за науката, а ние немаме попис од 2002 година, рече Бачовска Недиќ.

Таа рече дека со овој Прирачник ќе овозможи да се сврти вниманието на новинарите и да се поттикне едно општествено одговорно новинарство, за да се прави притисок во јавноста за побрзо одржување попис.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски рече дека пописот е една специфична стручна операција и Прирачникот е наменет за оние кои се задолжени да ја пренесуваат информацијата во јавноста.

Тој препорачува новинарите стриктно да се придржуваат кон она што го пишува во Прирачникот, со цел да се спречи пренесување погрешни информации.

– Ние како Завод нема да застанеме само тука, планот е таков да пред пописот организираме низа работилници со медиумите, и сите оние детали да ги објасниме со цел секоја информација да биде пренесена како што треба. Честопати за жал, од незнаење без никаква намера можно е да се пренесат погрешни информации и граѓаните погрешно да го разберат, рече Симовски.

Во врска со одложувањето на пописот, што првично беше закажан, Симовски повтори оти не може во исто време да се има и попис и избори.

– Причината е што не сакаме да се употреби пописот во изборната кампања, и од друга страна обратно, да не влијае кампањата врз спроведувањето на пописот. И тоа беше единствената причина зошто решивме да се одложи пописот. Прашањето беше дали да се одложи за есен 2020 година или за пролет 2021 година. Оценивме дека е подобро да биде пролет 2021 година, од причина што има процедура по изборите да се формира нова Влада, Парламент… и затоа решивме тоа да биде во април 2021 година, рече тој.

Симовски истакна дека сега имаат повеќе простор да направат дополнителни тестирања, и да посветат внимание на посуштински елементи.

Тој најави дека кон крајот на февруари се планира уште еден пилот попис, многу пократок од тој што беше спроведен во јуни, со цел да се истестира дел од апликацијата која не беше готова во тој период, односно т.н. ГИС систем, локациите на објектите каде што се попишува.