Заев: Убеден сум дека добивам нов мандат за премиер

Суштините на политиките имаат директен импакт кај граѓаните кои се наши гласачи. Убеден сум дека добивам нов мандат за премиер зашто политиките што ги водевме се насочени кон државата, порача премиерот Зоран Заев на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

-Неколку пати досега кажав дека разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на предвремените избори ќе биде од 60 до 120.000 гласови. Тоа е непобитен факт и сега го потврдува и анкетата на МЦМС, рече Заев.

Тој посочи дека МЦМС е невладина организација која се финансира од меѓународни институции и низ годините години има изградено свој рејтинг и кредибилитет.

-Многу често и на нас не ни се допаѓале анкетите што ги правеле во минатото, но овој пат вам не ви се допаѓаат. Тоа ќе се случува се додека се вакви политиките и ставовите на политичките партии и се додека граѓаните ги држи сеќавањето какви биле резултатите во минатото и какви се сега. Тоа е непобитен факт и секоја анкета ќе го потврдува. Како што поминува времето одреден број разочарани гласачи од власта, пред се од СДСМ, ќе се вратаат и ќе гласат зошто се ежат од помислата дека ВМРО-ДПМНЕ може да дојде на власт, им порача Заев на претениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Нагласи дека граѓаните се свесни оти ако се врати ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе се појават нови конфронтации дома преку меѓунационалните односи и нови кавги со Грција и Бугарија.

-Доказ и непобитен факт е дека има нула Албанци што ќе гласааат за вас, а тоа го покажуваат сите анкети. Граѓаните знаат што значи тој ризик. Втората работа е веднаш кавги со Мицотакис и Борисов, ново  вето, нови горчини, ново застанување во калта и стоење во место, потенцира Заев.

Граѓаните знаат, додаде, дека сме на прав пат, а друг пат не постои.

-Некој пат е горчлив, некој пат боли, но тоа е патот ако сакаме да бидеме нормална европска земја со европеизирани институции и економски стандард доволно мотивирачки за сите граѓани, а пред се младите, да не помислуваат да ја напуштат државата, рече Заев.

Премиерот му препорача на лицерот на опозицијата да прифати земјава да биде една изборна единица и потоа, како што рече, ќе се договорат оној што ќе изгуби на изборите да се откаже од политиката.

-Мојата амбиција не е да бидам пратеник. Мојата амбиција е – барам чист мандат во кој се решени крупните проблеми на државата и интеграциите се заокружена работа. Убеден сум дека ќе добијам нов мандат за премиер, а ако народот одлучи поинаку се разбира – сите по дома зашто политиките што ги водиме се искрени, насочени кон државата и немаме никакви предрасуди. No more secret,  нема тајни, се се знае во државата. Менувајте ги политиките зошто подолго ќе останете во опозиција, потенцира Заев во одговорот на пратеничко прашање.