Сегашните овластувања и надлежности на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (ААВМУ) не се доволни за да обезбедат негова суверена позиција на најкомпетентен носител и спроведувач на политики во областа на аудиовизуелните медиумски услуги, на која потреба ќе треба да се одговори со тековните активности за реформи и подобрување на законодавството.
Тоа го покажуваат наодите од денеска презентираниот втор Извештај за работата на ААВМУ и МРТ за вториот и третиот квартал минатата година што го подготвува Центарот за развој на медиуми (ЦРМ).
Во Извештајот е констатирано дека ААВМУ го прекршила Законот со одлуката да не објави јавен конкурс во случајот на иницијативата за објавување конкурс за доделување дозволи за емитување во дигиталниот перестријален мултиплекс на национално ниво што беше поднесена од ТВ21, а кон која се приклучија уште три медиумски компании.
– Во тековниот период на реформи во законодавството во медиумската област потребно е да се обрне внимание не само на составот на Советот на ААВМУ и кој ќе биде директор или дали ќе има или не директор, туку треба сериозно да размислуваме за прашањата на нејзините надлежности и како да се обезбеди Агенцијата да биде единственото и водечко тело кое ќе биде носител и спроведувач на политики за да се обезбеди нејзината независност и тој дел од медиумскиот сектор да биде без влијание на каква било формална политика и носителите на политичка власт, било да се работи за Владата или за Собранието, рече Дејан Георгиевски од ЦРМ.
Во мониторингот на работата на ААВМУ е констатирано и дека во анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги освен што се констатирани трендовите на пад на пазарот и како остварен промет и како намалување на достатните буџети за огласување, не се анализира како опстојува големиот број радиодифузери на толку мал и неодржлив пазар според економските параметри. Оттаму недостигаат и предлози за регулаторни политики за надминување на слабостите, односно што Агенцијата како регулаторно тело може и треба да овозможи поголема одржливост на пазарот имајќи ги предвид нејзините моќи и овластувања.
Како што наведе Столе Наумов од ЦРМ, Извештајот за работата на МРТ, пак, покажал дека Програмскиот совет во Јавниот сервис останува нетранспарентна институција со целосно ригидна процедура за присуство на седниците, што е во спротивност со Законот каде е наведено дека седниците се јавни.
Во препораките од Извештајот се наведува дека Деловникот на Програмскиот совет треба да се усогласи со законските одредби за јавност на работата на овој Совет. Се укажува дека Програмскиот совет не треба да чека ААВМУ да му испрати допис за да го потсети на законските надлежности и обврски како што е случајот со седницата за известувањето на Јавниот сервис за настаните од 27 април во Собранието.
Советот, посочи Наумов, има големи законски надлежности и можност да влијае во работењето на МРТ и треба да покаже поголема самоиницијативност.
Последните законски измени, променетиот начин на финансирање на МРТ и укинувањето на радиодифузната такса, според ЦРМ, не можат да ја обезбедат потребната финансиска самостојност за Јавниот сервис да може да одговори целосно на својата функција.
– Досега на никого очигледно не му беше во интерес од МРТ да се направи вистински самостоен јавен радиодифузен сервис. Се надевам дека тоа ќе се промени затоа што МРТ треба да биде столбот на нашиот радиодифузен систем, затоа што Македонија е мал пазар, сега засега презаситен од комерцијалните медиуми, глобалните трендови на намалување на рекламните буџети полека доаѓаат и кај нас. Нашиот пазар секако нема да може да издржи толкав број радиодифузери и во тој случај МРТ ни е единствена гаранција дека ќе ги имаме сите програми за кои сметаме дека треба да ги има, рече Георгиевски.
Мониторингот на работата на ААВМУ и Програмскиот совет на МРТ се спроведува со финансиска поддршка на програмата „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за развој и соработка