ДУИ: Резолуција за ветинг

РЕЗОЛУЦИЈА Бр. 2

Ветинг

Делегатите од четвртиот изборен Конгрес на Демократската Унија за Интеграција  констатираат алармантна состојба во третата власт и сметаат дека по остварувањето на определбите за слобода и рамноправност од Декларацијата за основање на Демократската Унија за Интеграција, време е да ги адресираме  селективната правда, законската предвидливост, владеењето на правото, како и законите генерално.

Конгресот на Демократската Унија за Интеграција  констатира селективна правда во земјава, инспирирана од политиката, применета од обвинители и спроведена од судии со предрасуди од претходни системи, со застарени убедувања и коруптивни склоности.

Законот треба да е фер и праведен за секој граѓанин. Авторитетот и влијанието на законот во едно општество зависи од правилниот и неселективен пристап на спроведувачот , бидејќи слободата во демократско општество подразбира почитување  на законите кои важат за секој граѓанин и кои треба да бидат на линија со индивидуалните неприкосновени права, а не ограничени и лимитирани слободи.

Владеењето на законите подразбира поклонување пред законот дури и на законодавецот, како и на тие кои го спроведуваат законот, вклучувајќи ги и судиите и јавните обвинители и претставува апсолутен предуслов за рамноправност, но и за економски развој и други еднакви услови за напредување на бизнисот.

Делегатите од четвртиот изборен Конгрес на Демократската Унија за Интеграција  ја потврдуваат нивната решителност за владеење на законот, а не на поединецот, меѓутоа подеднакво, транспарентно и неселективно, како и со законска предвидливост.

Конгресот на Демократската Унија за Интеграција  го поддржува предлогот за ветинг што подразбира двојна проверка на секој член на Демократската Унија за Интеграција  и на секоја друга партија, кој што е носител на јавна функција, секој политичар, обвинител и судија во земјата, бидејќи интегритетот на поединецот и на институцијата со која раководи се основа за здраво општество.

Првата проверка обезбедува интегритет и максимална транспарентност на секој кандидат и актуелен вршител на јавна должност преку собирање, анализа и објавување на сите информации и податоци за секој кандидат и актуелен носител на јавна функција на начин што граѓаните или органот кој го предлага, избира или именува носителот на функцијата, да ги оцени интегритетот и достоинството на носителот или кандидатот намалувајќи ја можноста за корупција, криминал, злоупотреба на службена должност и поткопување на авторитетот и имиџот на институцијата.

Втората проверка значи спроведување на ветингот преку преземање на институционални мерки по утврдување на неправилности, несовпаѓање на приходите и имотот, како и нерегуларности  во кариера во текот на првата проверка на кандидатите и носителите на јавни функции, обвинители и судии.

Следствено, делегатите од четвртиот изборен Конгрес на Демократската Унија за Интеграција  даваат приоритет на исполнување на обврските од поглавјата 23 и 24 од Acquis-то кои ги опфаќаат судството и основните права, правдата, слободите и безбедноста.

Исто така, Конгресот на Демократската Унија за Интеграција  ги поддржува препораките на групата на високи експерти во однос на системските прашања на владеење на законите, предводена од Рајнхард Прибе во врска со медиумите, изборите, судовите и обвинителството, народниот правобранител и следењето на комуникациите.

Делегатите од Конгресот се непоколебливи во ставот дека медиумите треба да се слободни од политичкиот притисок, меѓутоа и да се дистанцираат од политичките партии и целните групи, без притоа да се стават на служба на било кој освен за правилно информирање и со интегритет, без лажни вести и пропаганда.

Истовремено, ги повикуваме судските институции повторно да ги разгледаат спорните случаи во јавноста кои сериозно го нарушија кредибилитетот на судството, воочувајќи го спроведувањето на селективна правда кое го дестабилизира општеството и оневозможува рамноправност.