По објавата на последната анкета за рејтингот на политичките партиите наметнатиот лидер на ДПСМНЕ, Мицковски, наместо да го стави прстот на чело и да се замисли зошто бројките се такви какви што се и тоа во услови кои за противник го има Зоран Заев, тој бара алиби и за истата вели дека била во функција на СДСМ и нејзиниот лидер со цел да си го мотивираат сопственото членство.?!
Или меморијата на Мицковски е слаба или тој повторно подмолно игра на картата на кратко паметење на граѓаните.
ФРОДЕМ ја потсетува јавноста и Мицковски за неговото постојано политизирано математизирање, на банални и контрапродуктивни прес конференции и прошетки низ градовите со цел да се одвлече вниманието на граѓаните кога се работеше за клучните прашања за иднината на државата, за постојаното манипулирање со јавноста и членството, за тајното кокетирање со претставници на меѓународната заедница и на обидите по секоја цена да се заштитат криминалците во сопствените редови. Немањето дециден став на најголемата национална партија по однос на референдумот, да се дозволи дел од пратениците од сопствените редови да гласаат за промена на името на државата и потоа да се најавува спремност истите да се вратат во партиските редови, да се измнипулира сопственото членство да излезе на избори со цел да се избере за претседател кандидатот на СДСМ се само дел од калкулантски политики и интереси и само дел од причините за ваквите бројки во анкетата.
Да се има помал рејтинг од партијата во чии редови се државни функционери со скршена и подвиткана кичма кои ја ја обезличија државата по сите основи е повеќе од жално и срамно.
Водење на недоследна партиска политика, распната помеѓу реалноста и фикцијата, безидејноста и импровизацијата, и немањето капацитет и храброст да се биде самостоен наспроти внатрешниот и надворешниот притисок, се причини кои и во иднина ќе ја дообезличуваат и доруинираат партијата и истата ја водат во трет последователен пораз под диригентска палка на Мицковски. Затоа му порачуваме на Мицковски да прекине со овие жалопојки и алиби политика бидејќи на Република Македонија и на нејзините граѓани одамна им е смачено од ,,пресметливи” политичари со двојни и тројни аршини на кои приоритет им е само премиерската фотеља. ФРОДЕМ ќе се обиде со сите свои сили и капацитет да ја корегира оваа самоубиствена, недоследна и калкулантска политика, да биде достоен политички противник и да се спротивстави на сите анационални политички сили со принципиелно зацртани црвени линии и ставови за заштита на државата, името на државата, националните и државни интереси и овозможување идна благосостојба на сите граѓани.