Извршителите протестираат против новиот тарифник

Извршителите незадоволни од новиот тарифник што го предлага Министерството за правда, а со кој се предвидува намалување на наградата при извршување на парични побарувања од граѓани од 1.000 на 300 евра, денеска протестираат со прекин на работата.

Претседателот на Комората на извршители на Република С. Македонија (КИРСМ), Зоран Димов за МИА потврди дека денеска ќе има еднодневен прекин во работата и се надева дека сите извршители ќе ги затворат своите канцелариите.

Во синоќешното соопштение Комората на извршители наведе дека остануваат на одлуката од 23-ти овој месец со која изразуваат незадоволство со предлогот на надлежното Министерство за правда за корекција односно намалување на тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите.

– Особено Собранието на извршителите изразува незадоволство за повторното намалување на тарифата во тековнава година, а исклучиво од причина што со таквиот предлог извршителските канцеларии се доведуваат во финансиска несолвентност, стои во соопштението.

Граѓани обединети во Иницијативата „Стоп за извршители“ веќе неколку месеци протестираа пред Министерството за правда. Револтирани од работата на извршителите, тие на протестите бараа запирање на блокирањето на сметките, ограничување на времетраењето на наплата на долгот и регулирање на застареноста на долговите.