Премиерот Зоран Заев во писмо до бискупот скопски и апостолски егзарх на Католичката црква во Северна Македонија, Киро Стојанов, нему и на верниците од католичката вероисповед им го честита големиот христијански празник Божик – празникот на Христовото раѓање.
– И оваа година се радуваме и го воспеваме раѓањето на богомладенецот Христос, придружуван од песната на ангелите во негова чест и во чест на овој настан: „Слава му на Бога во висината, а на земјата мир меѓу луѓето!“. Овој голем христијански празник секогаш ги повикува сите луѓе да го земат како пример делото и учењето на Исус Христос, и во мир и со спокоен дух, да им понудиме на сите, во исто таков мир да го победиме злото и да го преобразиме во добро, се вели во честитката на премиерот Заев до Киро Стојанов.
Премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, во честитката нагласува дека секоја година Христовото раѓање е нова надеж за подобро утре за секој човек, во секое семејство.
– Ова се денови кога сите ние сме повикани да учествуваме да изградиме похуман и праведен свет, со уверување дека во мир и спокојство имаме можност за попросперитетна иднина за сите, пишува во честитката премиерот Заев и додава дека оваа година ќе ја запаметиме и по посетата на Светиот Отец Папа Франциск на нашата земја.
Во честитката Заев вели дека светата литургијата со која папата Франциск ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја, е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја кое го негуваат.
– Неговата посета беше силен поттик и поддршка за сите нас. Христос се роди. Среќен Божик за сите!“, се вели во честитката.