МАВРА ЗАМИНУВА ОД МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ

Незадоволен од ситуацијата во која се наоѓа МЗТ Скопје Аеродром, хрватот Доминик Мавра реши да си замине од клубот. Негова следна дестинација ќе биде Лиеткабелис од Литванија.

Раководството на МЗТ Скопје Аеродром одреди обештетување за предвременото раскинување на договорот, кое Мавра го плати, па така речиси е слободен играч. Велиме речиси бидејќи според договорот има обврска да го одигра уште натпреварот со Петрол Олимпија во Скопје, а потоа може да си замине.

-Точно е дека Мавра реши да си замине од клубот и тоа го презентира не само на натпреварите туку и на тренинзите. Во договор со тренерот Лукајиќ решивме да го ослободиме од обврските кон клубот. Ќе излеземе на кошаркарскиот пазар со цел да најдеме соодветна замена не само за него, туку и за уште неколку кошаркари. Во стручниот штаб има незадоволство од игрите на неколку кошаркари. Ќе разговараме со нив, па ќе одлучиме што понатаму-изјави извршниот директор на клубот, Тони Грнчаров.