Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот турски амбасадор

Претседателот на државата Стево Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Турција во земјава, Хасан Мехмет Секизќок.

Изразувајќи задоволство од одличните билатерални односи и успешната соработка помеѓу двете пријателски земји кои се во духот на силно традиционално пријателство и партнерство, претседателот Пендаровски истакнал дека двете држави споделуваат заеднички вредности за толеранција, меѓусебно разбирање и почит, вредности кои претставуваат клучни столбови во градењето на подобра и попросперитетна иднина за граѓаните на  двете земји.

Претседателот Пендаровски, како што соопштија од неговиот кабинет, упатил благодарност за целокупната поддршка на Турција за Северна Македонија, пред сé за цврстата и отворената поддршка за евроатланскиот пат на нашата земја додавајќи дека досегашното природно сојузништво во НАТО ќе се преточи и во официјално, со што заедно двете земји ќе продолжат да обезбедуваат мир и стабилност во регионот, но и за Европа во целост.

– Остануваме будни во нашиот Регион, кој неретко и во различни форми е на удар на пошироки геостратешки игри и закани, со што соработката, довербата и координацијата во борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалните миграции, сајбер заканите и слични феномени, претставуваат приоритет за сите нас, изјави Пендаровски.

Заблагодарувајќи се за срдечното добредојде, амбасадорот Секизќок оценил дека вкоренетите историски и човечки врски, споделените демократски вредности и целите на економско поле ќе помогнат во зајакнувањето на соработката меѓу двете земји и истакнал дека во периодот кој следи покрај трговијата и инвестициите, взаемната соработка ќе се интензивира и продлабочи и во многу други сфери.

– Турција ја гледа Северна Македонија како еден важен и ценет партнер. Развивањето на нашите партнерски односи е и во полза на Балканот и евро-атлантското семејство, рече амбасадорот Секизќок.

Притоа, тој додал дека еден од основните постулати на блиските односи и соработка е турската заедница која со векови постои во овие територии и вложува труд за развојот и доброто на Северна Македонија изразувајќи уверување дека Турција и понатаму ќе продолжи со својата поддршка за земјава со цел подигнување на нивото на просперитет на граѓаните на земјата.

Претседателот Пендаровски на новоименуваниот амбасадор му посакал успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција, се наведува во соопштението.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *