Заев за „мини шенген“: Чекањето за ЕУ не уби сите, додека станеме Европејци да сработиме и нешто сами

Она што го работиме не е ниту мал шенген, ниту мала Југославија, туку значи зголемување на регионалната соработка – процес кој ЕУ го препозна и сака да го поддржи со 1,2 милијарди евра. Должност ми е како премиер да го олеснам животот на нашите граѓани и за таа моја обврска не гледам причина да се консултирам. За вакви прашања треба да дејствувам, да делувам кога можам повеќе, рече денеска претседателот на Владата, Зоран Заев, одговорајќи на новинарско прашање дали побарал мислење од албанските партии за влез на земјава во т.н. мини шенген.

-Балканот конечно седи на маса со своите лидери и изнаоѓа решенија за проблемите. Овој процес на зголемена регионална соработка значи ЦЕФТА плус, RCC плус, Берлински процес плус. Чекањето за ЕУ, да станеме европејци, не уби сите. Дотогаш можеме малку повеќе да сработиме сите, што зависи од нас, да отвориме дополнително две ленти, да го овториме граничниот премин Голо Брдо, полицајците да бидат поефикасни. Ако треба некого да прашам за тоа да го работам, еве нека кажат што им смета, дали е тоа БЕСА, ДУИ, коалициски партнер, некоалициски партнер, власт, опозција. Нека кажат тоа ни смета, не не прашавте за тоа, јас сум подготвен да разговарам веднаш. Ги повикувам сите да кажат против што се. Дали се против тоа што сакаме да ги намалиме за 80 отсто чекањата на границите од што во моментов целиот Западен Балкан губи една милијарда евра годишно?, напомена Заев.

Според него, и Косово треба да седне на масата зашто само на тој начин, ако биде дел од разговорите, ќе се решат многу прашања.

-Косово е наш голем пријател и најмладата држава во регионот која треба да биде помогната. Ако седи таму каде што разговараме за овие убави работи, ќе се решат многу прашања кои го обременуваат Косово со тоа и регионот. Затоа апелираме и имаме разбирање зошто не сакаат да присуствуваат заради тоа што велат не нé каните како Република Косово да присуствуваме на настаните. Ама тоа не е ново. Кога не кани Берлинскиот процес тогаш одиме со исти видови покана, внимавајте за да дојдат сите. И се повикуваме согласно меѓународните договори кои постојат. Ама таму стои косовското знаме. Значи, имаме процедури и протоколи што ги почитуваме до крај. Така што јас апелирам сите да го следиме, тоа е тоа што го работиме со она што се вика зголемување на регионалната соработка. Ниту е мал шенген, ниту е мала Југославија , ниту ништо тоа. Тоа е  забрзување на регионалната соработка.  Европа го виде, го препозна и го поддржа, рече Заев.

Објаснувајќи го подетално својот став, истакна дека целта е да се елиминираат нервозите од чекањето и процедурите на граничните премини.

-Не е причина, односно не е суштина и состојба за која треба да се прави од страна на премиерот,  консултација со политичките партии за да си ја извршува својата работа како претседател на Влада. Нервозите што ни се случуваат на граничните премини кога поминуваме, сакаме да ги нема. Сега одиме со електронско пријавување, ја поминувате границата без застанување кога ќе ги исполниме овие услови.  Тоа е тоа што го работиме. Тоа ми е должност како премиер. Зарем ако прашувам дали да го работам тоа,  да го олеснам животот на нашите граѓани веднаш ќе имам обврска тогаш да се консултирам и  јас мислам дека за вакви прашања треба да дејствувам, да делувам кога можам повеќе, образложи премиерот.