Петгодишнина од смртта на големиот борец за правата на Македонците во областа Гора, интелектуалец, писател, истражувач Назиф Докле беше одбележана денеска во северниот албански град Кукс.
На одбележувањето присуствуваа негови блиски роднини, пријатели, почитувачи на неговото дело.
– Назиф Докле остави неизбришливи траги до своето дело не само за Македонците од Гора, туку и во целина во цела Албанија. Имав среќа да го запознам и да соработувам со него. Од општината Кукс и од округот на Кукс побарав посхумно да го прогласат Назиф Докле за почесен граѓанин, а како пратеник во албанското Собрание ќе му предложам на претседателот на Републиката да го оцени и посмртно да го одликува еминентниот истражувач Назиф Докле, рече Васил Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција и пратеник од истата партија.
Додаде дека претседателот на округот на Кукс се согласил со неговото барање и ветил дека ќе биде донесена одлука за постхумно прогласување на Назиф Докле за почесен граѓанин.
Назиф Докле е роден на 15 јануари 1945 година во село Борје, областа Гора, Албанија. Се декларираше она што и беше, Македонец, интелектуалец од областа Гора, борец за правата на Македонците во Албанија. Завршил ликовна уметност во Тирана, отсек склуптура, потоа завршува Висока педагошка школа во Скадар, специјалност албански јазик и литература.
Долги години работел како учител, главен инспектор за образование во округот на Кукс и директор на музејот во Кукс, а се занимавал и со сценографија и бил режисер на повеќе документарни филмови. Бил член на Друштвото на писателите и уметниците на Албанија од 1975 година.
Назиф Докле е собирач на фолклор од областа Гора, основач и прв претседател на етно-културното друштво на Македонците „Гора“ во 1991 година.
Истражувачката активност на Назиф Докле вклучува повеќе материјали од областа на историјата, лингвистиката и етнографијата. Објавил над 35 книги, 130 текстови во весници, како и научни и културни списанија во Албанија и други држави. Најпознати негови трудови се речникот „горански-албански“ со над 43.000 зборови, „За Гора и Гораните”, „Муке Миле”, „Севни бре ашик, севни бре душо”, „Горански народни песни”, „Богомилизмот и етногенезата на торбешите од Гора во Кукс” и други.
Назиф Докле е автор на повеќе уметнички изложби. Бил организатор на повеќе фестивали во Кукс каде е претставен богатиот фолклор на областа Гора. Назиф Докле почина на 30 декември 2014 година.