Пајо Авировиќ именуван за специјален пратеник на претседателот во Меѓународната организација на франкофонијата

Претседателот Стево Пендаровски потпиша указ за поставување на Пајо Авировиќ на должноста специјален пратеник на претседателот на Република Северна Македонија при Постојаниот совет на Меѓународната организација на франкофонијата.

Како што се наведува во соопштението од кабинетот на шефот на државата, амбасадорот Авировиќ е актуелен директор на Директоратот за билатерални односи со воневропски држави во Министерството за надворешни работи, каде работи повеќе од две децении. Во текот на својата професионална кариера бил амбасадор во Израел (2009-2011 и 2014-2018) и шеф на постојаната мисија на Република Македонија во Обединетите нации во Њујорк (2011-2014).

Дипломирал Ориентална филологија – турски јазик и книжевност и арапски јазик и книжевност на Универзитетот во Сараево, магистрирал Ориентална филологија на Универзитетот во Белград, а се образувал и на Националната школа за администрација во Париз – ЕНА.

Покрај мајчиниот македонски јазик, како и српскиот јазик, Авировиќ зборува и англиски, француски, германски, турски, хебрејски и арапски јазик, стои во соопштението.