Денот на Општина Гостивар – 23 Декември денеска беше одбележан со пригодна свеченост на која беа доделени повеќе признанија и благодарници. Локалната самоуправа направи ретроспектива на проектите кои се реализирале и почнале во 2019 година.
Градоначалникот на Општина Гостивар Арбен Таравари напомена дека централната власт треба доследно да ја почитува распределбата на средства според територијалната поделба и процесите на децентрализација. Тој се осврна и на празникот, за кој рече дека се враќа стариот датум, кој всушност е денот кога било формиран првиот повеќепартиски Совет на општината.
Годинава признанието почесен граѓанин му беше доделено на музичкиот педагог и инструменталист Хајрула Волина (80), кому беше врачен „Клучот на градот“. Признанија за најдобар спортист добија фудбалерот Висар Муслиу и кошаркарката Моника Бадиоска, а од помладите категории Доан Османи и Амира Абдураими. За најуспешни екипи од Општина Гостивар, признанија им беа доделени на прволигашките кошаркарски тимови на КК Гостивар 1954 и ЖКК Гостивар. Благодарници за најуспешни ученици добија основците Фјола Зендели, Констанца Билбилоска, Нусејба Ханџи, а кај средношколците: Бехра Беќири и Илина Димитриеска. На свеченоста од областа на културата признанија добија Амди Исмаили, Лиза Абдија, Бурхан Амети и КУД „Јахја Асани“.
Преку десетминутен документарен филм во продукција на локалната телевизија ТВ Глоби беа презентирани постигнувањата на општинската власт. Во него беа преставени четириесетина проекти кои започнале или се реализирале годинава и за кои, како што беше наведено, од општинската каса биле издвоени 2,2 милиони евра.
Одбележувањето на Денот на Општината почна од вчера со ракометен турнир. Претходниот состав на локалната власт го прославуваше 29 јуни како општински празник, а со промената на власта, се смени и датумот.