Во Тирана научна конференција „ 75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија”

Во организација на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ во Конгресната палата во Тирана се одржа научна конференција „75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија”.

На конференцијата, на која присиствува и македонскот премиер Зоран Заев, свои излагања имаат Македонци од Албанија, а отворена е и изложба со фотографи и книги пишувани на македонски јазик од Македонци од Албанија.

Овој значаен настан за Македонците во оваа земја, го отвори Фоте Никола во чест на постарите учители а поздравенм збор имаше лидерот на МАЕИ и пратеник во албанскиот парламент Васил Стерјовски.

-Врз основа на пожртвуваноста на македонските партизани во антифашистичката војна во Албанија во Втората Светска Војна, уште во 1945 година Македонците беа признати како национално малцинство во Мала Преспа и селото Врбник, во Деволската област во округот Корча и во областа Голо Брдо во округот Дебар. Во овие области, Македонците во Албанија го стекнаа правото на образование на својот мајчин македонски јазик, а за Македонците во Албанија се овозможи развој на македонската култура и традиција. Врз основа на договорот помеѓу Албанија и Југославија во двете земји се испраќаа учители. Во Албанија доаѓаат македонски учители кои ги учеа македонските деца, додека во Југославија се праќаа албански учители кои ги учеа албанските деца, рече Стерјовски.

Но, според него со Резолуцијата на Информбирото, во 1949 година, се прекинаа односите помеѓу Албанија и Југославија и како ако последица на тоа, македонските учители се протерани од Албанија.

-Остана само учителот Никола Беровски, кој во подоцнежниот период заедно со писателот Стерјо Спaсе, дадоа голем придонес во подготвувањето на учебниците на македонски јазик за учениците Македонци. Во овој период, наставата на македонски јазик во училиштата во областа на Голо Брдо се прекинува, а во областа Мала Преспа и во селото Врбник, во Деволската област, наставата на македонски јазик, за среќа, не се прекина,додаде Стерјовски.

Посочи дека како македонска заедница во Албанија, благодарни се на албанската држава која што 75 години ги признава како Македонци, за разлика од „некои држави членки на Европска Унија кои не признаваат македонско малцинство и создаваат пречки на патот на европските интеграции“.

Додаде дека Македонците во Република Албанија се залагаат за мир, толеранција и коегзистенција во албанското општество.

-Во Албанија сме родени, во Албанија живееме, во Албанија работиме, како албански државјани заедно со сите останати се грижиме за Република Албанија како наша заедничка татковина. Македонскиот и Аабанскиот народ имаат долга традиција на соработка и почитување. Со векови сме живееле под разни освојувачи, со векови сме соработувале за нашата слобода. И двата народа се бореа за изучување на својот мајчин јазик. Јазикот е обележје на еден народ, главна карактеристика по која се разликува од другите народи, нагласи тој.

Стерјовски ги цитираше албанскиот преродбеник Наим Фрашери кој за мајчиниот јазикрекол : “Нашиот јазик, колку добар! Колку благ, колку широк! Колку лесен, колку слободен! Колку убав, колку вреден!” и македонскиот преродбеник Крсте Петков Мисириков, “Милоста кон родниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зошто е наш, исто како што е наша татковината. Еден народ што го изгубил својот јазик, личи на човек кој го изгубил патот и не знае ни каде оди, ни кој е!“

-Современите состојби, бараат да се превземат чекори за изучување на македонскиот јазик насекаде каде што живее македонската заедница во Албанија. Македонците кои живеат долж македонско-албанската граница, посебно во периодот после 1991 година, поради подобри услови за живот, од руралните средини се иселуваат во градските средини, како Тирана, Корча, Билишта, Подградец, Елбасан, Драч, Кукс и други места. Денес, поголемиот број на Македонци живеат во градските средини во Албанија, отколку во руралните средини, каде што традиционално живееле. Партијата Македонска алијанса за европска интгерација, но и здруженијата на Македонците во Албанија, дадоа голем придонес за зачувување на мајчиниот македонски јазик преку организирање на курсеви во повеќе градови и области во нашата земја, рече Стерјовски.

Нагласи дека заради тоа бараат помош од албанската, но и од македонската влада, за учење на мајчиниот македонски јазик во сите населени места во Албанија каде што живеат Македонци и каде што има барање за изучување на македонскиот јазик.

-Со донесувањето на подзаконските акти на Законот за заштита на правата на националните малцинства во Албанија, очекуваме македoнскиот јазик да се учи на целата територија на Албанија каде што живеат Македонците. Се надеваме преку Фондот за националните малцинства да се финасираат медиуми на македонски јазик, да се печатат книги на македонски јазик и да унапредува развојот на македонската култура и македонскиот идентитет во Албанија. Недостатокот од учебници по предметите на македонски јазик конечно треба да се реши. Лекторатот на македонски јазик во Тирана мора да прерасне во катедра, бараме на Универзитетот Фан Ноли во Корча да се отвори лекторат по македонски јазик, додаде Стерјовски.

Македонците во Република Албанија, рече тој, ги поздравуваат добрите односи помеѓу двете држави – Албанија и Македонија и очекуваат почеток на преговорите за членство во Европската Унија.

-Отворањето на македонскиот културен центар во Тирана и албанскиот културен центар во Скопје, отворањето на албанскиот конзулат во Струга и македонскиот конзулат во Корча, 24-часовното работење на граничниот премин Џепиште-Требиште, го поттикнуваат развојот на заемните братски и добрососедски односи и ја унапредуваат соработката меѓу Албанија и Македонија и Албанскиот и Македонскиот народ, додаде Стерјовски.