Во Штип отворена мултисензорна соба за деца од предучилишна возраст со потешкотии во развојот

Во штипската детска градинка „Астибо“ денеска беше отворена мултисензорна соба во која што ќе ја користат 20 деца од предучилишна возраст од оваа градинка ако имаат проблеми, односно потешкотии во развојот, и со нив ќе работи дефектологот.

Мултисензорната соба е проект финансиран од страна на Швајцарската амбасада во земјава и Министерството за локална самоуправа, а е имплементиран од страна на Центарот за развој на источно планскиот регион во соработка со градинката „Астибо“ од Штип

По тој повод на свечената промоција на проектот „Здрави деца – сигурна иднина“ во Штип присуствуваа амбасадорката на Швајцарија во земјава Сибил Сутер Техада, министерот за локална самоуправа Горан Милевски и штипскиот градоначалник Благој Бочварски.

Швајцарската амбасадорка Сутер Техада истакна дека вакви сензорни соби се опремени освен во Штип и во Кочани и Делчево, како општини од Источниот плански регион.

– Социјалната инклузија е тема од исклучителна важност за Швајцарија. Токму затоа ми е мошне драго што заедно со Министерството за локана самоуправа инвестираме во сензорни соби со што децата со посебни потреби ќе се интегрираат во образовниот систем, како и во општеството воопшто, рече Сутер Техада.

Министерот за локална самоуправа Милевски потенцираше дека благодарение на донацијата од швајцарската Влада, обезбедени се средства за вакви мултисензорни соби во повеќе општини во осумте плански региони.

– Ова е партнерски проект на општините Штип, Кочани и Делчево, а средства во висина од два милиони денари ги обезбедува Министерството за локална самоуправа и швајцарската Агенција за развој и соработка во рамките на проектот одржлив и рамномерен регионален развој, рече Милевски.

Градоначалникот на општина Штип, Бочварски забележа дека средства се искористени за набавка и монтажа за опрема на сензорната соба во градинката „Астибо“.

– Вкупната вредност на проектот изнесува 906.606 денари од кои градежните и реконструктивните активности што ги реализираше градинката и Општината изнесуваат 350 илјади денари, а набавката и монтажата на опремата за сензорната соба изнесуваа 556.606 денари, рече Бочварски.

Директорката на Детската градинка „Астибо“, Билјана Трајчевска забележа дека оваа сензорна соба освен што ќе ја користат 20 деца од градинката и нејзините клонови, ќе може да ја користат и деца со посебни потреби од градинката „Вера Циривири – Трена“, но и од соседната Општина Карбинци.

Во 2019 година Швајцарската амбасада и Министерството за локална самоуправа финансираа 16 проекти со вкупен буџет од 1,154 милиони швајцарски франци со цел да се поттикне рамномерниот регионален развој во планските региони во земјава.