ЛДП: Доста ни е од „кројачи на јавното мислење“ ја поддржуваме слободата на медиумите

Либерално-демократската партија остро и недвосмислено се оградува и се спротивставува на непрофесионалното и недолично однесување на вработениот од Министерството за надворешни работи. Вработениот се дрзнал да му се заканува на новинарот од ТВ21, Фуркан Салиу, да не поставува прашања на јавен настан и при тоа да го условува со наводно интервју после прес конференцијата.

ЛДП, како партиципиент во власта, е категорично против ваквото однесување на било кој од вработените во јавната администрација, министерствата или Владата, насочено кон средствата за јавно информирање.

Ние 12 години се боревме против режим кој ги практикуваше истите тие стандарди на однесување кон новинарите , медиумите и воопшто кон јавноста. Ниту тогаш, а ни сега, тоа нема ниту да го поддржиме ни да го премолчиме. Доста ни е од „кројачи на јавното мислење“, доста ни се „кројачи на спинови“, доста ни е од „кројачи на медиумски лаги и извртување на вистината“.

Во оваа држава никој нема право да ја загрозува слободата на медиумите и новинарите, но и  правата на граѓаните да бидат информирани за прашања од јавен интерес.

Бараме од МНР и од министерот јавно да се огради од вработениот и да го истражи случајот, а воедно препорачуваме во најбрз можен рок во своето министерство да спроведе курс по демократија.

ЛДП го поддржува независното новинарство, слободата на медиумите и ќе се спротивстави на  секое забегување на поединци од власта, зошто за нас, како граѓанска партија, слободата на говорот е темелна вредност на едно отворено и демократското општество.