Во Тирана научна конференција „75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија”

Во организација на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција,МАЕИ, утре во Тирана ќе се одржи научна конференција „75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија”.

– На конференцијата со свои излагања ќе настапат Македонци од Албанија. Исто така, во рамки на конференцијата ќе има и изложба со фотографи и книги пишувани на македонски јазик од Македонци од Албанија, изјави Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.

Конференцијата ќе се одржи во сала „Албанологија”, во Конгресната палата во Тирана со почеток во 14:30 часот, а ќе ја отвори лидерот на МАЕИ и пратеник во албанскиот парламент, Стерјовски.

Планирано е учесниците да ги поздрават македонскиот и албанскиот премиер Зоран Заев и Еди Рама.

– Ова е многу значаен настан за нас Македонците во Албанија. На конференцијата ќе учествуваме и ние од македонското друштво „Илинден“, каде ќе презентираме примероци од единствениот печатен медиум на македонски јазик, весникот „Илинден“, како и други објавени материјали, вели Никола Ѓурѓај,претседател на друштвото.

Инаку, настава на македонски јазик во Албанија има само во областа Мала Преспа. Во областа Голо Брдо на мајчин македонски јазик настава имало од 1945 до 1948 година. Последнте години за децата во оваа и областа Гора, МАЕИ организира курсеви за изучување на македонски јазик и литература, на кој децата зборуваат, но настава следат на албански јазик. Од 1945 година до пред неколку години, македонско училиште имаше и во селото Врбник,област Девол, кое пред неколку годни се затвори.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *