Десет студенти од Кавадарци добија стипендии од Фондацијата „Никола Јанчев”. Новите стипендисти кои студираат на разни факултети, ќе добиваат по осум илјади денари во наредните девет месеци, а се доделува и стипендија за кавадарчанка без родители која студира медицина.
-Тие ќе продолжат успешно да ги реализираат своите животни соништа. Секој нивен успех е наша победа, рече Јанинка Чупаркоска во име на Фондацијата, и нагласи дека ќе продолжат да ја препознаваат вистинската потреба и да помагаат онаму каде што е најпотребно.
Градоначалникот Митко Јанчев потсети дека неговата плата редовно се донира преку оваа фондација, а финансиски средства издвојува и семејната компанија „Кожувчанка”. Фондацијата беше основана во чест на неговиот татко кој почина пред 14 години.