Со посна трпеза во центарот на градот, со благослов и желби за заедништво и традицијата да продолжи, прилепчани и нивните гости го прославија по 14-ти пат, организирано, својот патрон, Свети Никола. Трпезата со речиси 70.000 мали посни сарми што ги приготвија 55 жени од четири прилепски здруженија, со риба, посен војнички грав, со малсиники и во добро расположение ги поттикна прилепчани да ги упатат пораките за диобра мисла, за заедништво, здравје и среќа.
По утринската света литургија која се одржа во прилепската црква „Свето Благовештение“ со која началствуваше митрополитот Петар, а присуствуваа архиепископот г.г. Стефан и владиката Климент, благословите беа упатени од параклисот, посветен на Свети Никола во центарот на Прилеп.
Годинашниве домаќини, семејството Небрежанец упатија пораки за среќа и радост и задоволството што токму тие се домаќини на прославата на градската слава.
![]()
– Гордост и чест е да се биде домаќин на најголемата прилепска слава, Свети Никола, особено значајна за градот, рече Кирил Небрежанец.
Бисера Небрежанец пак посочи дека чест и е што потекнува од семејство што ги почитува верата и традицијата. – Свети Никола е чудотворец и заштитник на Пирлеп. Ние сите во Прилеп ја почитуваме традицијата која сакам уште многу години да се негува зашто е синоним на слободарскиот дух и почитувањето на вредностите, рече таа.
Митрополитот Петар нагласи дека чудотворецот Николај е многу почитуван во Прилеп.
– Голем број прилепски семејства ја имаат домашната слава Свети Никола, голем број слават и именден и тоа го заслужува чудотворецот Николај, заштитник на морепловците, на сиромашните, на децата и на граѓаните кој правел многу добри дела, рече владиката Петар, кој смета дека треба да се чува духовното богатство.
![]()
За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, битни се пораките што се упатуваат на овој празник.
– Овој празник, кој се одбележува со традиционалните христијански обичаи, со убавата посна трпеза, со дружење, песна, пречекување гости, нѐ потсетува на важноста на почитувањето, заедништвото и сплотеноста и убавината во негувањето на убавата и позната прилепска традиција и на културата. Убавата мисла, хуманоста, солидарноста, посветеноста, слогата, почитувањето, добрососедските односи, убавиот муабет и дружењата да бидат вреднсоти кои ќе не водат во Новата Година, рече Јованоски.
Нови домаќини на прославата на градската слава в година се семејствата Тарунџиоски и Качкиноски, сопственици на прилепската фирма „Футура“. Сегашните и идните домаќини на подарок од Општината добија икони.