Нови превентивни мерки на Општина Битола за почист амбиентален воздух

Градоначалникот на Општина Битола Наташа Петровска достави иницијатива до автобуските превозници кои вршат општински линиски превоз на патници, да овозможат бесплатен јавен превоз во градските линии за сите патници на подрачјето на таа општина.

Од Општина Битола појаснуваат дека бесплатниот автобуски превоз ќе може да се користи во критичните денови со високи нивоа на загаденост на воздухот кои се над максимално дозволените.

Доколку превозниците прифатат да не наплаќаат возни билети од патниците на градските линии во критичните денови со високи нивоа на загаденост на воздухот над максимално дозволените, Општина Битола е подготвена во тие денови да го субвенционира нивниот дневен промет, во висина на просечниот дневен промет остварен од продажба на возни билети на посочените линии во последните 30 дена, сметано од денот на донесувањето на мерката,  а врз основа на дневните финасиски извештаи, информираат од Општина Битола.

Одлуката на автобуските превозници кои вршат општински линиски превоз на патници ќе биде поддржана со соодвтена одлука и од Советот на Општина Битола, се нагласува во соопштението на тамошната локална самоуправа.