Џафери: Не може да се организира јавна дискусија за измените на Изборниот закон

Јавна дискусија за измените на Изборниот законик, во скратена постапка, не може да се организира, бидејќи тоа не е предвидено со Деловникот за работа на Собранието, кое веќе ја изгласала потребата за нивно носење. Доколку во предлогот за носење на законот имало барање за јавна дискусија и Парламентот гласал за тоа, тогаш би можело да има јавна дискусија, предупреди денеска претседателот на Собранието Талат Џафери.

Претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Александар Кирацовски вчера најави дека на 25 овој месец ќе организира јавна расправа за измените на Изборниот законик, по што, како што рече очекува да бидат повлечени околу шесте илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ поднесе на предлогот.

– Деловникот не познава терминологија јавна расправа. Во деловникот се уредува јавна дискусија. По разгледувањето во прво читање или по претресот по првото читање, Собранието по потребата може да донесе одлука за јавна дискусија по определен закон ако е од поширок општ интерес. Откако пленумот ќе донесе одлука за јавна дискусија, определува матично работно тело кое ќе го организира и ќе ја одржи дискусијата. Со член 146 и другите членови потоа се пропишува како тоа се спроведува, изјави Џафери.

Првиот парламентарец појаснува дека јавна дискусија треба да има по првото читање, а во скратена постапка првото читање е одлучување за потребата на законот.

Од таму прашува претседателот на Собранието, каков е ефектот на носење закони по скратена постапка ако дискусијата трае со месеци.

– Што е смислата на скратена постапка во тој случај? Затоа Деловникот вика откако ќе заврши расправата по однос на потребата по носење на закон во прво читање, Собранието може да одлучи да има јавна дискусија. Овие работи мора да ги сфатат пратениците. Не спорам работа на пратеник, но треба да го тераат словото на Деловникот, се друго е надвор од него, вели Џафери.

Претседателот на Собранието додава дека повеќе пратеници, односно претседатели на комисии, до него доставиле вакви формални барања, но во нив, според него, нема наведено врз основа на што ги засноваат.

– Не само од Кирацовски туку и од други има, вели тој.

Вака предупредува Џафери, 120 пратеници и дваесет и неколку тела по секој предлог може да организира јавна расправа.

– Ако мислел на јавна дискусија тогаш треба во предлог законот во скратена постапка да стои барање за јавна дискусија, според членот 145 (од Деловникот), за што треба да одлучи Собранието. Но, тоа ќе значи дека законот нема да биде на иста седница и ќе се чека да се завршат сите процедури, вели Џафери.