Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – ЕУ

Во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур попладнево започнува дводневното заседание 17-от по ред Мешовит парламентарен комитет  Република Северна Македонија – ЕУ, со кој заеднички ќе претседаваат пратеничката Соња Мираковска и европратеникот Андреас Шиедер.

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, ова е прво заседание на Мешовит комитет со новоизбраниот состав на делегацијата на Европскиот парламент и најверојатно последно за актуелната македонска собраниска делегација пред претстојните парламентарни избори.

На состанокот ќе бидат разменети мислења за односите меѓу земјава и ЕУ, а меѓу темите за дебата на Мешовитиот комитет се владеењето на правото, судските реформи, борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и изборниот систем и предложените реформи во таа сфера.

Пред парламентарците од двете делегации ќе се обратат заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, првиот човек на Одделот во Директоратот за европска соседска политика и преговори за проширување Дејвид Кулен, шефицата на Одделот за Западен Балкан при Европската служба за надворешни работи Елза Фенет и постојаниот известувач на Европарламентот за земјава Илхан Ќучук.

Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Мешовитиот парламентарен комитет, покрај претседателката  Соња Мираковска, ја сочинуваат и пратениците  Бетиане Китев,  Жаклина Лазаревска, Никола Попоски, Шпреса Хадри, Ивана Туфегџиќ,  Иван Стоиљковиќ и  Мерал Узеири Ферати.

На крајот на состанокот утре се очекува да бидат усвоени Завршни препораки, кои ќе бидат упатени до институциите на земјава и на Европската унија.