Имплементација на програмата Општинско-корисна работа беше главната тема на разговор помеѓу претставници на Општина Пехчево и заменик амбасадорот на Швајцарија, Стефан Томаџан кој заедно со претставници од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) присуствуваа во официјална посета на Пехчево.
Проектот „Подадени раце – Социјална заштита за Инклузивна општина Пехчево за вклучување на Роми и др. ранливи групи“, како што информираа од општината, опфаќа две компоненти за инклузија на споменатите категории граѓани.
– Проектот на општината се состои од две компоненти, помош и нега на стари и изнемоштени лица во домашни услови во Пехчево, село Црник, село Умлена и село Чифлик како и спроведување на мерки за антидискриминација и сегрегација на немнозинските заедници во Пехчево и село Црник. Општина Пехчево е лидер во оваа програма на УНДП по бројот на вклучени лица роми и други ранливи групи и во проектот се вклучени вкупно 15 невработени лица, корисници на гарантиран минимален приход и лица во социјален ризик од кои 11 Роми во Пехчево и село Црник, и четири лица во Пехчево, село Чифлик и село Умлена, истакнаа од Општина Пехчево.
На работниот состанок исто така се разговарало за активностите кои Општина Пехчево ги превзема во сферата на социјалната заштита на локално ниво, како и за проектите кои се наменети за подобра интеграција и инклузија на ромското население во општина Пехчево.
-Во таа насока со високите претставници на УНДП и Швајцарската амбасада посетивме дел од крајните корисници, стари и изнемоштени лица во Пехчево и село Црник. При оваа посета заменик амбасадорот го посети подрачното училиште „Ванчо Китанов“ каде оствари средба со дел од наставниот персонал во училиштето и со новоформираниот Локален лидерски совет на село Црник, дополнија од Општината.
Општинските власти изразија задоволство и позитивни резултати од соработката со Швајцарската амбасада и Швајцарската агенција за развој и соработка и ја искажаа својата подготвеност за понатамошна соработка во идни проекти.