С. Македонија ќе реагира на ставот на БАН, Договорот со Бугарија е потпишан на македонски и бугарски јазик

Република С. Македонија ќе реагира на ставот на Бугарската академија на науките (БАН) дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик. Властите во земјава најпрво детално ќе ја разгледаат објавата на БАН, потоа ќе следува реакција и преку Министерството за надворешни работи.

Ова го најави вчера премиерот Зоран Заев, а не стивнаа реакциите од повеќе страни по објавата на БАН дека повелбата за македонскиот јазик што ја усвои МАНУ содржи неточни и неприфатливи позиции, кои им штетат на односите меѓу двете соседни земји.

– На 3 декември 2019 година Собранието на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) усвои „Повелба за македонскиот јазик“. Во неа се конструирани историски и јазични аргументи за заштита на официјалниот книжевен јазик во Република С. Македонија како посебен самостоен јазик со континуитет и генеалогија, кој во Скопје е наречен „македонски“, реагираше БАН и посочи дека документот предизвикал „многу сериозни научни забелешки“.

Документот бил разгледан од раководството на БАН, откако по него се произнеле и Институтот за бугарски јазик, Кирило-методиевскиот научен центар и Институтот за историски истражувања при Академијата. БАН најавува дека за своите ставови официјално ќе ги извести Националното собрание на Бугарија и повисоките државни институции.

Реакции во земјава освен од Заев имаше и од шефот на дипломатијата Никола Димитров, од актуелниот претседател на МАНУ Таки Фити, од претседавачот на македонско-бугарската експертска комисија Драги Ѓоргиев, од Институтот за македонска литература.

И оваа оценка на БАН доаѓа во момент кога заедничката Комисија запна на прашањето ликот и делото на Гоце Делчев, а македонските историчари побараа да се одложат формалните средби се до завршувањето на изборите кај нас.

– Ќе реагираме поради тоа што тоа прашање е дел од прашањето за решавање на проблемите помеѓу Република С. Македонија и Бугарија во Договорот за добрососедство и пријателство. Првите чекори се направени. Верувам дека тоа мораме да го решиме. Јас не ја знам реакцијата, сега ја слушам од вас. Секако ќе реагираме и преку МНР и ќе ги направиме сите наши коментари откако ќе прочитаме што е самата реакција, изјави Заев.

Запрашан дали тоа може да значи суспендирање на преговорите со Бугарија, премиерот нагласи дека Договорот со Бугарија е „внимателно испишан од двата народа заради идентитетските прашања“ и е потпишан на македонски и на бугарски јазик „согласно уставите на двете држави“.

– Таа формулација согласно уставите на државата во самиот договор покажува дека Бугарија се уште не е на чисто со признавањето на нашиот македонски јазик. Тоа е прашање што остана да го решиме низ имплементацијата на договорот и јас верувам и уште еднаш апелирам ако сме Европејци и ако се залагаме за европска демократија и за европските вредности и права, тоа прашање час поскоро да го надминеме, изјави Заев.

Димитров на Фејсбук напиша дека во 21 век, во Европа, правото на самоопределување и самоизјаснување е неспорно. Министерот потенцираше дека односите меѓу две држави, за да бидат пријателски и блиски, претпоставуваат почитување на тоа право и на достоинството на другиот.

– Македонскиот јазик е еден од јужнословенските јазици. Стандардниот македонски јазик е официјално кодифициран во мај 1945 година, врз основа на централните говорни форми во тогашна Македонија. Беше еден од трите официјални јазици и во поранешна Југославија, а присуте н е во ОН уште од 70те години на минатиот век. Македонскиот јазик има свој историски развој и е признат од меѓународната заедница на лингвисти, наведува Димитров.

Посочува дека историскиот процес што го почнавме со соседна Бугарија, за да води кон вистинско зближување и пријателство, за да руши стравови и предрасуди, претпоставува взаемно прифаќање.

Актуелниот претседател на МАНУ Таки Фити најави дека ќе разговара со колегите од БАН околу нивниот став дека Повелбата за македонскиот јазик содржи неточни и неприфатливи позиции.

Тој посочи дека има информации оти не сите академици на БАН го поддржале ставот со кој излезе Бугарската академија.

– Имаме одлични односи со Бугарската академија. Тој документ излезе таков каков што излезе, но јас имам и други информации дека не сите академици на БАН го поддржале тоа. Тука има инволвирање на државната бугарска политика во овие работи, што не е во ред. Нема да ги расипеме односите со БАН, ќе разговараме, ние сме се договориле дека нема прашања за кои не може да разговараме, дури и за најсензитивните, изјави вчера академик Фити.

Претседателот на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев не е изненаден од ваквиот став на БАН.

– Не гледам ништо ново. Тоа е генералниот став на сите лингвисти во Бугарија. Но, ова ги доведува во апсурдна ситуација и односите меѓу двете земји, а секако и работата на заедничката Комисија, додава историчарот Ѓоргиев.

Тој посочува дека и на состаноците на Комисијата, бугарските претставници избегнуваат во историска смисла да ги користат термините „македонски јазик“, „македонска нација“ и „македонска култура“. Според него, избегнувањето на придавката „македонски“ бугарските членови го објасниле со одредби од Преспанскиот договор, каде таа не се користи за институции и тела формирани од државата, а во тој корпус спаѓала и Комисијата како тело формирано од Владата.

– Не може да се разговара за градење добрососедство ако ја негираат нашата историја од втората половина на 19. век до 1944 година и ако владее ставот дека во 1944 година со декрет сме станале Македонци во федеративна Југославија, вели Ѓоргиев.

Според Институтот за македонска литература со објавата на БАН, се негира постоењето на македонскиот јазик, литература, историја и култура и со тоа се врши негирање на македонскиот национален идентитет.

-За македонскиот јазик, литература, историја и култура се објавени стотици илјади монографии, студии, ставови и аргументи на македонски и на други светски јазици од реномирани домашни и странски слависти, филолози, историчари, социолози, етнолози, политиколози, културолози со кои се докажува правниот и историски континуитет на македонската нација, која постои со македонскиот јазик, се вели во реакцијата на Институтот за македонска литература.

А премиерот Зоран Заев, како што брифираа владини извори, планира по Нова година како политичар, а не како премиер, со оглед на тоа што ќе има техничка влада пред изборите најавени за 12 април, да замине во Софија на средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов, со кого меѓу другото ќе поразговара за работата на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања.

Како што брифираа од Владата, средбата може да помогне да се придвижат работите на Комисијата, но додаваат дека додека земјава е во изборен процес не е паметно да се влегува во решавање на прашањата за кои двете земји засега не ги приближиле ставовите, како што е прашањето за Гоце Делчев.

МИА веќе објави за барањето на македонските историчари од Комисијата следната формална средба да се одложи до завршување на изборите во С. Македонија.

Македонските историчари од Комисијата за МИА појаснија дека барањето на македонската страна било да нема формални средби до завршувањето на изборниот процес, а во меѓувреме Комисијата може да разменува материјали и идеи по прашања што се тема на дискусија.