Заев: Партнерството меѓу владите, приватниот сектор и образованието за напредно општество

Партнерството меѓу владите, приватниот сектор и образовните системи обезбедува мотивирачко и напредно општество, истакна премиерот Зоран Заев на денешното свечено отворање на Институтот за бизнис и менаџмент од Хајделберг со седиште во Скопје, кој во соработка со Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ), ја организираа Првата меѓународна конференција со наслов „Меѓународни стандарди за контролинг-имплементација во пракса“.

– За угледот на ФОРУМ Институтот за менаџмент од Хајделберг, како меѓународна група на институти што се занимава со обука на корпоративни специјалисти и директори, како и на студенти на специјалистичко образование, зборуваат фактите: 1.500 настани годишно, 4.500 семинарски денови и 20 илјади учесници годишно, првокласни предавачи и актуелни теми, рече Заев.

Една од најважните карактеристики во работењето на овој институт, како што посочи, е тесната врска со праксата, односно со бизнис и претприемачката реалност, и вкрстувањето на таа пракса со најновите трендови од економската наука.

Според него, оваа карактеристика е од извонредно значење за промоцијата на претприемништвото како современа деловна и развојна филозофија на приватните и јавните, на стопанските и нестопанските претпријатија, и на профитните и непрофитните организации.

Посочи дека врската меѓу бизнисот, владините политики и образованието треба да создаде услови за силни, просперитетни општества.

– Сметам дека никој не може да има дилема дека слободниот пазар го поттикнува економскиот раст, создава работни места и ги зголемува приходите. Доколку се обезбедат непречени услови за овие претпоставки, пазарите и приватната иницијатива можат да го овозможат потребното финансирање на нашите врвни развојни приоритети, што произлегуваат и се креирааат од стратешките цели на економските политики на владините програми, рече Заев.

Во контекст на тоа додаде дека правилно искористени, придобивките од иновациите и успешното претприемништво не остануваат придобивки само на приватните инвеститори и на извршните менаџери.

– Кога биле откриени телефонот, автомобилот и персоналниот компјутер, општествените придобивки далеку ги надминале добивките што си ги оствариле нивните создавачи. Сите дополнителни, бескрајно сеопфатни придобивки од овие приватни иницијативи, се од исклучително значење за општествата и за човечкиот прогрес, истакна премиерот.

Тука, како што нагласи, доаѓа до израз улогата на владите и на владините политики да ги препознаат можностите и потенцијалите на приватните иницијативи и иновативни пробиви во бизнисот и во претприемништвото.

– Затоа улогата на владите и на нејзините политики е да обезбедуваат мотивирачка средина за севкупниот приватен сектор. Да создаваат и спроведуваат услови за бизнис и за менаџирање со фер и транспарентна регулатива, истакна Заев.

Оттука, како што нагласи, доаѓаме до следниот заклучок дека доколку сакаме реализација на нашите развојни цели, доколку сакаме да изградиме општество што расте и напредува, приватниот сектор, владите и образовните системи мора да работат заедно.

Во својот говор Заев рече дека образованието е најдобриот начин за извлекување од економската криза и во контекст на тоа посочи дека на крајот од 50-тите години, 78 отсто од Корејците биле неписмени, а до 1970 година, приходот по глава на жител достигна едвај 900 долари.

– Сепак, Јужна Кореја знаеше дека образованието е најдобриот начин да се извлече од економската криза. Затоа се фокусираше на преструктуирање на училиштата и на посветеноста на едукација на секое дете. Заедно со паметните, иновативни владини политики и со енергичниот приватен сектор, денес, Јужна Кореја има стапка на писменост од 98 отсто, спаѓа во групата земји со високи примања по глава на жител, со 26.000 долари во 2016 година, и претставува пример за успешен економски развој и модел за други земји, рече Заев.

Имајќи го сето ова предвид, како и профилот и мисиите на Форум Институтот за менаџмент од Хајделберг и нивните партнери, убеден сум, рече Заев, дека оваа високо образовна институција ќе ги донесе новите трендови во високото специјализирано, последипломско образование и во нашата земја.

На Конференцијата присуствуваа и истакнати професори и претставници на бизнисот и јавната администрација.