Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува амандмани за Законот за употреба на јазиците, но кај партиите од албанскиот блок не постои расположение за поддршка, а нивниот глас е важен, бидејќи за усвојување е потребно Бадентерово мнозинство.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера изјави дека опозицијата има право да поднесе амадмани, но оти тие треба да се донесат со Бадентерово мнозинство, а тоа не е можно да се обезбеди, бидејќи нема расположение за нивно прифаќање кај пратениците Албанци.
– Законот за употреба на јазиците е донесен со такво мнозинство и секоја измена соодветно се донесува со такво мнозинство. Секој предлагач треба претходно да обезбеди такво мнозинство за да може да смета на поминување на законот, образложи Џафери.
Сличен став вчера изнесоа и Движењето Беса и Алијансата на Албанците. Од Беса сметаат дека Законот за употреба на јазиците може да се отвори само ако има добра волја од сите страни за целосна рамноправност на албанскиот јазик со македонскиот во сите државни и јавни институции.
– Сметаме дека сето ова е игра помеѓу партиите на власт СДСМ и ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ во предизборниот период, за да можат политички да профитираат. Во последно време ги гледаме политичките претставници на ДУИ како се истрчуваат да даваат разни изјави, а се знае дека законот за јазици се носи со двојно мнозинство и оти кај пратениците Албанци нема никаква волја да се направи ревизија на тој закон, изјави вчера во Собранието Фадил Зендели од Беса.
Според Сурија Рашиди од Алијанса на Албанците, мислењето на Венецијанската комисија е субјективно и нетранспатрентно и е засновано врз најголем дел од сомневањата изразени за време на интервјуирање функционери чиј список, како што рече, го нема никаде и се ставови што оставаат простор дека се политички мотивирани.
– Без емпириски податоци мислењето на Комисијата е ирелевантно. Тоа не е ниту обврзувачко, туку советодавно, имајќи предвид дека употребата на јазиците е суверено право на земјите членки на ЕУ, изјави Рашиди.
Резервираност покажува и СДСМ, кој не сака да коментира додека не ги види најавените амандмани. Според СДСМ, за ова прашање е потребна поширока дебата за да се изгради заеднички став.
– Знаеме кој е ставот на Венецијанската комисија. Апсолутно за тоа ќе треба посеопфатна дебата за да се донесе ставот, но знаеме добро дека став на Владата е да се имплементираат забелешките од Венецијанската комисија, изјави пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов.
И премиерот Зоран Заев најави дека деновиве ќе се формираат работни групи на кои, како што рече, заедно коалициски ќе се утврди начинот како да се имплементираат препораките од Венецијанската комисија.
Коментирањето на различни страни за ова прашање, според Заев, е заради тоа што доаѓаат избори.
Тој посочи дека земјава нема намера да се враќа назад и ќе ги гарантира правата кои се добиени, но тие да бидат и практично применливи.
– Правото на употребата на јазикот е убаво човеково право, треба да го негуваме, тоа не загрозува никакво друго право на кој било друг етникум или на кој било друг јазик, но ако тоа право загрозува друго право како што е правото на правда, тогаш сите треба и редно е да размислиме. Тоа го препорачува Венецијанската комисија. Така што, самите препораки треба да ги следиме, да ги имплементираме. Начините на имплементација ќе ги издоговориме со институциите, рече Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ се со став дека власта има обврска да ги прифати измените што ќе ги предложат бидејќи, како што истакнуваат, во нив се преточени европската практика и препораките на Венецијанската комисија.
Изминатите денови препораките на Венецијанската комисија беа предмет на дебата и оценка од страна на различни политички субјекти.
Венецијанската комисија во мислење ги повикува властите на С. Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Според соопштението, издадено по состанокот во Венеција, правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.
Венецијанската комисија ја поздравува подготвеноста на властите за подобрување на јазичната состојба на заедниците. Оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостиг на превод и толкување во текот на постапката.
Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.
Комисијата понатаму забележува дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои исто така и за другите јазици на заедниците.