Предновогодишен концерт на три воени оркестри

Во Домот на Армијата во Скопје вечер ќе се одржи трилатерален предновогодишен концерт, на кој како заеднички оркестар ќе настапат припадници од воените оркестри од армиите на Северна Македонија, Албанија и Хрватска.

На концертот, кој оваа година се одржува под мотото „Звукот на соработката, звукот на Алијансата“, како што информираат од Генералштабот на Армијата, ќе бидат изведени нумери од познати светски автори, меѓу кои и Мередит Вилсон, Дјук Елингтон, Наохиро Иваи и Дмитри Шостакович.

Концертот ќе биде директно пренесуван на првиот програмски сервис на македонската национална телевизија МТВ 1 со почеток во 20:00 часот.

На трилатералниот предновогодишен концерт се очекува да присуствуваат претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, повеќе министри во Владата, пратеници во Собранието, амбасадори и претставници на воено-дипломатскиот кор акредитирани во земјата, претставници на верските заедници, активните и пензионирани генерали во Армијата, припадници на Министерството за одбрана и Генераштабот, припадници од сите команди и единици на Армијата и други гости.

– Ова е втора година по ред како во пресрет на новата година воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија во духот на соработката со оркестри од армиите во регионот одржуваат заеднички едночасовен концерт. Минатата година заедничкиот настап беше со воените оркестри на Република Бугарија и Црна Гора, соопштуваат од Генералштабот.