Од кумановски „Водовод“ апелираат да не се фрла несоодветен отпад во канализациска мрежа

Од кумановски „Водовод“ апелираа до граѓаните и правните субјекти да не фрлаат влажни марамчиња, пелени за еднократна употреба во канализацијата, бидејќи овие материи ја отежнуваат работата на пречистителната станица и ги зголемуваат трошоците за станицата која функционира во рамки на претпријатието.

-Овие влакнести материјали кои преку канализацијата и покрај системот за отстранување на механички отпад,  успеваат да влезат во системот на станицата, ја отежнуваат работата и ги зголемуваат трошоците за одржување, соопштија надлежните од „Водовод“.
Оттаму појаснуваат дека посебно се отежнува работата на милните и фекални потопни пумпи кои и покрај тоа што се конструирани само за отпад во фекална канализација, со леснотија се справуваат и со цврсти отпадни материјали, но немоќни се кога е во прашање текстилен отпад, што доведува до чести дефекти и потреба од редовно сервисирање.
-Освен влажните марамчиња и влакнестите ткаенини,  потешкотии во прочистување на комунална отпадна вода во станицата,  предизвикува и вода од непознати извори чии концентрации на влезни параметри се поголеми од проектираните максимално дозволени концентрации за влезна отпадна вода, односно индустриски води кои треба да имаат сопствен преттретман пред да се испуштат во канализација,  за да не доведат до отежнато биолошко прочистивање кое е основа на процес за пречистување во станицата, појаснуваат од „Водовод“.

И покрај сите потешкоти, благодарение на безрезевната подршка од Општина Куманово и градоначалникот, велат од „Водовод“ обезбедено е континуирано и квалитетно прочистување на отпадните води за општина Куманово. Од претпријатието соопштуваат дека третманот на комуналната отпадна вода има позитивно влијание врз животната средина. Пречистената вода  спуштена во природниот воден систем не претставува опасност за животот и здравјето на човекот и нема да предизвика несакани промени во околината, додаваат од кумановското претпријатие и уште еднаш повикаа на совесност од граѓаните и правните субјекти.