Продолжува изградбата на примарна инфраструктура во зоната Речица, кумановско

Општина Куманово продолжува со изградбата на улици и канализација во индустриската зона Речица. Во зоната претходно веќе беа изградени дел од пристапните улици. Владата пред една година одвои 20 милиони денари за инфраструктурно уредување на зоната.

Во текот на летото, средствата беа  префрлени на општината која објави тендер на кој беше избрана кумановската компанија „Кооп Инжињеринг“ за изведување на градежните активности.

Ова е прва индустриска зона која се гради во Куманово.
Зоната  се наоѓа на атрактивна локација, непосредно до автопатот Куманово-Табановце на пет километри до границата со Србија. На површина од околу 60 хекатри, зоната  има 51 градежна парцела со различна големина, урбанистички е уредена за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици, сместувачки капацитети, сервиси и стоваришта.

По изградбата на зоната, домашните и странските инвеститори ќе можат да купат парцела со различни големини и со различни цени, почнувајќи од 61 до 800 денари за метар квадратен.