Граѓани на Струга алармират дека спротивно мораториумот продолжува да се градат и доградуваат објекти на крајбрежјето на Охридското Езеро

Граѓани на Струга во писмо доставено до медиумите укажуваат на продолжување на практиката да се градат и доградуваат објекти на самото крајбрежје на Охридското Езеро, и тоа во период кога регионот е под сериозна опасност да го губи статусот во УНЕСКО.

Како што се наведува во нивното писмо, во Струга секојдневно може да се забележат активности со кои се кршат закони, забрани за градба и се продолжува со уништување на природното наследство, и тоа во чувствителен момент кога Охридскиот регион е во опасност да го изгуби статусот на заштитено подрачје од УНЕСКО, а истовремено во подготовка е планот за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион.

Во услови на мораториум за крајбрежна трансформација на охридското крајбрежје, во Струга се забележуваат градежни зафати и доградувања на повеќе локации. Како една од најпроблематична ги посочуваат двете огромни хали на самото крајбрежје, на стотина метри од хотелот „Евротел“, во прогласената прва А зона.

Според реакциите на граѓаните на Струга, станува збор за чија контрукција е изработена пред повеќе од деценија, без соодветна документација како и сите останати угостителски објекти на струшкиот дел од крајбрежјето.

-Овој објект за разлика од останатите, фасадно се затвора неслучајно токму сега. Објектот е челична конструкција, но неговото затварање се врши со ѕидање и бетонирање. Со тоа статусот на објектот се менува од монтажно-демонтажен во траен и е огромна опасност за крајбрежјето. Се работи за северниот ѕид од објектот, изработен од цигла со димензии од 90-тина метри должина со висина на венец од околу пет метри поставен на самото крајбрежје од езерото. При неговата реализација, самиот објект не е соодветно заштитен, а не постои ни табла со технички број и информации за објектот, стои во реакцијата.

Истовремено тие посочуваат дека тоа не е единствената дивоградба на крајбрежјето на која се работи во моментот, односно дека повторно се бетонира крајбрежјето кај село Калишта, во автокамп кој повеќепати бил предмет на инспекциска истрага.

– Најточно би било да се каже дека сите останати угостителски објекти, изградени на плажи со веќе изминати концесии, се исто така несоодветно затварани и се окупатори на голем процент од јавната површина на крајбрежјето. Ние како граѓани искрено се надеваме дека ставот на кабинетот на градоначалникот дека во Струга не постои дивоградба, наскоро со планот за управување со природното и културно наследство, како и со списокот на дивоградби во Струга, правно ќе се демантира и ќе се заклучи сосем спротивното, во Струга не постои регуларна градба на која и претходи сериозна студија. Во Струга е неопходна декострукција на постојните импровизации и еднаш за секогаш поставување на правни и контролни механизми што ќе ја гарантираат потребната заштита, реагираат граѓаните, изразувајќи уверување дека нивните забелешки ќе ги натераат овластените градежни инспектори од општината да излезат на терен и согласно легислатвата да ја стопираат незаконската изградба, како и да реагираат и од ресорното Министерство за транспорт и врски од каде беше најавено дека ќе ги преземе ингеренциите за крајбрежјето.