Законот за јазиците е една од алките што не спојува во државата и така ќе продолжиме во иднина, градејќи заеднички ставови за сите препораки од Венецијанската комисија да имаат соодветна примена, изјави вечерва премиерот Зоран Заев.
Прашан дали има поделби во Владата или едногласен став за препораките што Венецијанската комисија ги упати до Владата за Законот за јазици, Заев најави дека до крајот на неделата ќе се организираат состаноци на соодветните институции за да можат да усогласат заедничко решение.
– Последните сугестии кон Венецијанската комисија ги дадовме заедно, претставници од мојот Кабинет, Министерството за правда, европски прашања и Министерството за надворешни работи и така ќе продолжиме. Овој закон е една од алките што не спојува во државата и така ќе продолжиме во иднина градејќи заеднички ставови и сите препораки кои ги кажува Венецијанската комисија да дојдат до светлото на денот, односно да имаат своја соодветна примена. Веќе до крајот на неделата кај мене ќе се организираат состаноци на соодветните институции за да можеме да го усогласиме ваквото решение за навистина препораките од Венецијанската комисија да го добијат она за кое што со причина укажуваат, а тоа е растење на капацитетите на самите институции заради примената. Верувам дека токму тоа ќе биде во заеднички дух, онака како што имаме намера заеднички да го прифатиме, изјави Заев, по посетата на Роса центарот за родителство во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.
Премиерот Заев рече дека не е запознаен со амандманите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но истакна дека секојпат е добредојдена која било дебата што може да унапреди што било во државата.
– Опозицијата е значаен коректив, ако сето тоа е во прилог да може да биде унапредено Едно општество за сите, овозможени правата што уставно беа дадени, а со законите не беа овозможени. Овој Закон тоа го овозможи, верувам дека секогаш можеме да дебатираме, да прифаќаме, да одбиваме она што значи подобрување на системот, рече Заев .