Се поплочува шеталиштето во Трговскиот центар во Кочани

Во напредна фаза се градежните работи за реконструкција на шеталиштето во Трговскиот центар во Кочани, што како проект се реализира со околу 14 милиони денари обезбедени од општинскиот буџет.

Изведувачот „Исток мермер“ почна со поплочување од влезот на Трговскиот центар од источната страна, откако претходно, според техничкиот проект беше подготвена придружната инфраструктура, а се обезбеди и одвод на атмосферската вода.

– Поплочувањето со гранитни, нелизгави плочки продолжува кон западната страна, на местото на претходно отстранетите бетонски плочки и клупи. Просторот опфатен со реконструкција ќе биде осветлен со вградени подни ЛЕД-светилки и рефлектори. Исто така, ќе се постават нови клупи и придружна комунална опрема со што ќе се подобри  естетскиот изглед на Трговскиот центар како една од најпрометните пешачки површини во Кочани. Постојните дрвја ќе бидат вклопени во планираното хортикултурно уредување и озеленување, а Трговскиот центар ќе добие на функционалност, поголема слобода во просторот и нов урбан амбиент, истакна Влатко Димитров,  од Секторот за урбанизам на oпштина Кочанi.

Градежните работи почнаа во првата половина на октомври годинава и треба да се комплетираат до почетокот на април догодина. Реконструкцијата на шеталиштето опфаќа површина од 2.800 квадратни метри.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *