Пратениците Агим Шаќири и Зоран Илиоски, членови на собраниската Комисијата за економски прашања, ќе учествуваат на состаноци посветени на енергетската ефикасност, во организација на Енергетската заедница и на Парламентарниот форум за Југоисточна Европа за енергетска ефикасност и клима, како и на Германското здружение за соработка, кои ќе се одржат во Кишињев, Република Молдавија, на 11 и 12 декември 2019 година.
Покрај претставниците од Собранието на Република Северна Македонија, на состаноците ќе учествуваат и претставници од парламентите на земјите членки на Енергетската заедница, членови на Европскиот парламент, претставници од Енергетската заедница, експерти и претставници од невладини организации.
На состаноците ќе се разгледуваат повеќе прашања во насока на зголемување на енергетската ефикасност во договорните страни на Енергетската заедница, како и усвојување на заеднички извештај за иднината на енергетската ефикасност, идните активности на Парламентарниот пленум на Енергетската заедница, подобрување на урбаната мобилност во земјите од Југоисточна Европа.