Нов обид за избор на главен државен ревизор

Изборот на главен државен ревизор денеска е повторно пред членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Собраниски извори за МИА посочија дека е постигнат договор меѓу претставниците на политичките партии кој ќе биде идниот ревизор и очекуваат тоа денеска да се официјализира.

Последните изјави и од власта и од опозицијата минатата недела беа дека се залагаат за широк консензус за кандидат за главен државен ревизор.

Претседателот на Комисијата Илија Димовски тогаш за МИА рече дека додека не се постигне согласност за еден кандидат од барем седум пратеници нема да свика седница. Комисијата има 12 членови и 12 заменици-членови, претседател и заменик-претседател.

Хари Локвенец од СДСМ, кој е член на Комисијата рече дека очекува дека најдоцна оваа недела да се реши прашањето околу изборот на прв државен ревизор.

– Наша цел е обезбедување на широк консзензус околу изборот на главен државен ревизор во насока на зголемување на довербата на граѓаните во државните инстититуции. Покрај тоа паралелно размислуваме и за законско одблокирање на работата на ревизијата, не само од технички аспект на идното функционирање, туку и во суштинскиот дел за она за што се задолжени, додаде Локвенец.

На конкурсот за нов главен државен ревизор, кој во Службен весник излезе на 26 декември 2017 година, се пријавиле 12 кандидати, од кои големо мнозинство ревизори, кои работат во институцијата.

Државната ревизија веќе една година и 11 месеци функционира без директор, а на 4 октомври годинава истекол мандатот и на заменикот директор, со што е оневозможено нормалното функционирање на Заводот и е доведена во прашање неговата независност.

Без директор нема да бидат во можност да ја реализираат тековната програмата за работа до крај, ниту да ја донесат програмата за работа за 2020 година.  Тие ќе бидат онеспособени да ги контролираат државните институции, да ги плаќаат сметките за нивните канцеларии, да добијат плати. Нема да можат да ги контролураат ниту финансиските извештаи на партиите од кампањите. А за оваа пролет веќе се најавени нови избори.

На дневен ред на другите две продолженија на Комисијата се и утврдување предлози за именување на директор и на заменик на директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, именување директор на Агенцијата за квалитет во високото образование, избор на директор и заменик директор на ДЗЛП, именување на член на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, избор на член на Советот на јавните обвинители. Пред пратениците се и предлозите за именување членови на УО на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, Проверка на кандидатурите доставени по Одлуката за објавување јавен оглас за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и избор на членови на Судскиот совет, изменување на Одлуката за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици-членови на Националниот совет за евроинтеграции, Продолжување на постапката по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за избор на членови на Советот на ААВМУ и Продолжување на постапката по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио телевизија (МРТ).