Започна реконструкција на секундарна водоводна мрежа во тетовско Теарце, каде денеска увид на работите направија министерот за транспорт и врски Горан Сугарески заедно со градоначалникот Исен Асани. Со обновата на водоводната мрежа надлежните се надеваат дека значително ќе се намали губењето на водата за пиење.
-Направивме увид во градежни активности на водоводна мрежа која е со должина од 12 километри, има добра динамика на работа и согласно роковите очекуваме овој проект целосно да биде завршен, рече министерот Сугарески.
Со ова, како што кажа градоначалникот Асани, ќе се надмине најголемиот проблем во секундарната мрежа каде досега се губеше водата, аочекуваме да се намали и злоупотребата на водата. Таков е примерот од порано со Доброште кога се воспостави секундарна мрежа се намалија губитоците.
Ако се намали губењето на водата во системот нема да има потреба како летоска дополнителни количини да се земаат од реката Бистрица, велат од општината.
-Ние имаме 4.000 жители по број, но само 2.000 се тука, а се трошат над 40 литра вода во секунда. Во иднина 14 литри во секунда ќе бидат доволни и се ќе биде во ред. Нема да има ситуација како летово кога немаше вода и имаше суша па зедовме вода од Бистрица, по што се појави и неисправност на водата. За изворската вода ние имаме филтри и сега според параметрите е исправна за пиење, изјави Мефаил Мифтари од јавното претријатие „Хигиена“ при општина Теарце.
За 12 километри секундарна водоводна мрежа ќе се потрошат 270 илјади евра.