Пендаровски:Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија работи со бавно темпо

Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија сигурно седум – осум месеци наназад можеби и нешто повеќе работи со исклучително бавно темпо. И гледате што се случува кога ги коментирам македонско – бугарските односи. Меѓутоа јас морам да ја зборувам вистината, затоа што не гледам поинаков начин и тие и ние да се ослободиме од баластот.

Ова го изјави претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за телевизијата 24 во врска со работата на оваа комисија.

– Меѓутоа, знаете што е сега проблематично со  работата на таа комисија, сосема начелно зборувајќи без да им се мешам во работата. Вие не можете во 2019, 2020 година ќе не фати, да биде работа на една комисија која била или каква била етничката припадност на некој човек кој живеел пред 150 години, рече меѓу другото Пендаровски.

Идејата на таа комисија и на македонско – бугарскиот договор за добрососедство, нагласи тој, е да видиме што за одредени историски личности не спојува и каде можеме заеднички да ги ставиме. Клучниот израз кој е користен од тој документ, од тој договор, посочи, за жал не го слушам многу често кога се коментира работата на Комисијата.

– Ако пишува е споделена историјата, а ти сакаш да биде Гоце Делчев пишан како чист Бугарин, кој е резонот па јас да го славам тогаш ако е само твој. Мора да биде дел твој, дел мој макар со делото, па да можеме јас и ти да го чествуваме заедно. Тоа е јасно како бел ден.Таа е формулацијата, појасни шефот на државата.

Според него, многу подобро би било доколку во мешовитата македонско-бугарска експертска комисија биле вклучени и неколку меѓународни експерти, кои го знаат Балканот во тој временски период. – Мислам дека еден од успесите кои стојат позади Преспанскиот договор е тоа што имаше и меѓунардоно присуство. Макар во позадина не само со Нимиц како медијатор официјален, рече претседателот Пендаровски.

Тој оцени дека во овој момент Бугарија не прави никакви пречки.

– Знаете ние мора да покажеме трпение. Значи не велам опозиција или власт, ние мора да покажеме трпение. Дали ќе има опструкции, па не само од Бугарија, можеби и од некои други држави. Кога ќе почнеме со преговори кои ќе траат со години ќе има. Бидете убедени дека ќе има. Како ќе ги надминеме со долги часови, месеци и години објаснување дека тоа не е така и се разбира барање на меѓународни сојузници за нашата кауза и нашиот сет на аргументи. Нема друг начин. Друго е да речеш ја прекинувам и си седам дома. па седевме дома во времето на Груевски 10 години и мислевме дека сме најаки на свет. Не било така, рече во интервју за ТВ 24 претседателот на државата Стево Пендаровски.