Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски на средба со делегација на Европскиот Парламент

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски и меѓународниот секретар, Тимчо Муцински денеска остварија средба со делегација на Европскиот Парламент, односно шефот на пратеничката група на ЕПП Манфред Вебер и европратениците Андреј Ковачев, Жељана Зовки и Нина Тавчар.

На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба во државата, Европските интеграции на државата, престојните предвремени парламентарни избори и системските проблеми со кои се соочува Република Македонија.

Мицкоски пред присутните истакна дека основна стратешка цел на ВМРО-ДПМНЕ и Република Македонија е членството во Европската Унија. Тој додаде дека новата Влада која што ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ има план и визија како да ја стави Македонија на брзата трака за членство во Унијата.

Што се однесува на проблемите и предизвиците со кои се соочува државата на патот кон ЕУ како клучен Мицкоски го потенцираше проблемот со криминалот и корупцијата, особено во највисоките ешалони на власта, случаи за кои се уште нема правна разрешница. Со ова посочи тој се дава аргумент повеќе на оние кои изразија доза на скептичност за проширувањето на Унијата и членството на Македонија во неа.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ напомена дека по промената на власта во Македонија, новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на суштински реформи во државата и доближување на Република Македонија до европските стандарди и вредности.