Отворен прв Дневен центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години

Претставниците од градскиот Црвен крст, заедно со Општина Центар и Град Скопје, денеска свечено го отворија првиот Дневен центар за лица над 18 години со интелектуална попреченост.

Градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ кој присуствуваше на отворањето на Центарот, истакна дека овој објект е единствен што се наоѓа на територијата на Град Скопје.

– Има неколку вакви центри низ разни општини во Скопје, но ова е единствениот Центар за лица со попреченост над 18 години. Среќен сум што објекти кои претходно биле предодредени за други намени, успеавме да ги претвориме во центри кои со години биле потребни на нашите граѓани, а посебно се потребни на лицата со интелектуална попреченост над 18 години, рече градоначалникот.

Богдановиќ додаде дека ќе продолжат со вакви активности, со цел сите граѓани заеднички да бидат вклучени во општеството.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешното отворање на Дневниот центар истакна дека ова е голем чекор напред во однос на инклузивноста во општеството и нагласи дека активното учество на локалната заедница во обезбедување на поквалитетен живот за сите наши граѓани е клучно за развојот токму на целата заедница.

– Град Скопје во изминатиов период активно работеше на полето на социјална заштита, при што интензивно се вклучи во процесот на деинституционализација како исклучително важен процес за секој вид на категории на граѓани, рече Шилегов.

Тој очекува оваа активност во зголемен обем да продолжи да се одвива и наредната година.

– Ова се само дел од нашите заложби и со целост ја поддржуваме деинституционализацијата и унапредување на тој процес во нашиот град со цел да ја подигнеме свеста и совеста на граѓаните за значењето на еднаквоста во живеењето, за значајноста на секоја единка, за значењето на секој човек во нашето општество и нашиот град, рече Шилегов.

Градоначалникот Шилегов апелира до сите општини во Скопје да го следат примерот на Општина Центар и градскиот Црвен Крст, и колку што можат поактивно да се вклучат во полето на социјална заштита за да го направат градот поубаво место за живеење за сите без исклучоци, затоа што, како што напомена, сите сме исти и секој има право на еднаков живот.

– Да продолжиме понатаму за похумано и поинклузивно Скопје, затоа што градот сме сите ние и затоа што успехот и достигнувањата на овие луѓе зависи од секој од нас поединечно. Нивниот успех е наш успех, рече Шилегов.