Димитров ќе учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ во Братислава

Делегација на Северна Македонија предводена од министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе учествува на 26-от Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), што утре и задутре ќе се одржи во словачкиот главен град Братислава.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на Министерскиот совет шефовите на дипломатиите на земјите членки на ОБСЕ ќе разменат мислења за работата и активностите на Организацијата во изминатиот едногодишен период, во рамки на словачкото претседавање.

На средбата се очекува да бидат усвоени и поголем број одлуки и декларации што се однесуваат на делувањето во трите димензии на Организацијата: политичко – воената, економско – еколошката и хуманата димензија.

Министерот Димитров ќе има свое обраќање на Министерскиот совет и ќе ги претстави ставовите на Република Северна Македонија за актуелните прашања на агендата на Организацијата.

Како што се наведува во соопштението, на маргините на Советот, Димитров ќе оствари средби со високи претставници на институциите на ОБСЕ, како и со министри за надворешни работи на земји членки на Организацијата.