НУ Народен театар – Битола по 25-годишна апстиненција на матичната сцена премиерно ќе изведе театарска претстава за деца и младинци.
Станува збор за претставата „Си беше еднаш во иднината“ чиј автор е Сашо Кокаланов, а режисер Срѓан Јаниќијевиќ и е подготвена со финансиска поддршка на Министерството за култура.
– Децата и младинците се публика која треба да се едуцира и затоа е добро што Министерството за култура го поддржа овој наш театарски проект посветен за најмладите, истакна директорот на битолскиот театар Иван Јерчиќ и потсети дека последната театарска претстава за деца „Пинокио“ била одиграна пред 25 години.
Во „Си беше еднаш во иднина“ ќе настапат актерите Сандра Грибовска, Анастазиа Христовска, Огнен Дранговски, Валентина Грамосли, Николче Пројчевски, Никола Стефанов, Филип Мирчевски и Елена Моше.
– Избраните актери се одлични и очекувам оваа претстава да се игра долго време бидејќи е возбудлива за децата, но и за „воспитување“ на родителите. Претставата вознемирува затоа што потсетува на времето кога децата по цел ден беа надвор од домот играа детски игри, а сега не излегуваат од дома и се пред компјутер затоа што возрасните им ги исекоа дрвјата, ги уништија игралиштата и направија паркиралишта. Оваа претстава е од жанрот есеј комедија, храбар проект кој треба да се погледне, порача режисерот Јаниќијевиќ.
Театарската претстава „Си беше еднаш во иднина“ премиерно ќе се одигра на 6 декември на матичната сцена на НУ Народен театар – Битола.