Во просториите на планинарскиот клуб „Љуботен“ во Тетово се чуваат десетици предмети стари и по стотина години што претставуваат спомен за почетоците на планинарството и скијањето во градот, Шар Планина и воопшто во Македонија. Големиот број предмети се основа за размислување во клубот да се направи и планинарско-скијачки музеј, со цел автентично чување на овие предмети со особено историско, општествено и културолошко наследство и богатство.
Првите рачно изработени скии во Тетово од Никола Николовски-Коларот во 1931 година се најстариот предмет што го има во планинарскиот клуб „Љуботен“, а поврзани со минатото на скијањето и планинарењето. Постојат и голем број други скии рачно изработени во 30-тите години на минатиот век, првата туристичка брошура за Шар Планина од 1938, дрезги за планинско искачување од 1940, АКИ-чамец за извлекување повредени од планина од 1947 година, првиот пехар од Шарпланинскиот куп, ранци и планинарски чевли од 1950 година. Има новински исечоци и фотографии од отворањето на првиот планинарски дом „Попова Шапка“ на 11 ноември 1934 година.
Претседателот на клубот Јован Божиновски има собрано голем дел од предметите. Тој потенцира дека е важно што и голем број семејства од Тетово помогнале со тоа што ги дале предметите на чување во ПК „Љуботен“.
– Летово бев во куќата на Никола Николоски-Коларот, примен од неговиот син Жико. Веќе неколку пати сум бил во тој дом, уште и додека чичко Никола беше жив, од него лично ги имаме добиено и тие први рачно изработено скии. Неговиот син ми даде фотографија од почетоците на скијањето. Тоа е дом на едно доста значајно и вредно семејство. По семејно „звање“ Колар, Никола ја познавал работата со дрвото. Кој е тој ентузијазам и желба што во 1930 година, на само 17-годишна возраст, ќе те натера рачно да изработиш скии? Да, ги направил првите скии, направил и за своите другари Флејта и Мошо. Сам го измислил „кривиот струг“, алатка да ги изработи скиите, по терк на купечките, фабрички произведени скии, вели Божиновски.
Голема оставнина се бележи и од семејството на Мирчо Савовски, доктор по науки, долгогодишен професор на Факултетот за физичка култура. Бил претседател на Скијачкиот сојуз на Македонија во Југославија и има голема поврзаност со планинарењето и скијањето. Тој е автор на студијата што нуди и решение на Попова Шапка да има место за 100 илјади скијачи во еден момент, а воедно да бидат задоволени сите придружни инфраструктурни елементи.
– Од семејството на Савовски добивме 200 предмети, голем број студии, документи, фотографии, признанија, книги, значки. Има многу литература, книги, студии, но и дипломски, магистерски и докторски научни трудови, потоа кореспонденција со писма на македонски скијачки сојуз со останатите сојузи низ Југославија. Тоа се значајни податоци за кои се нема веќе живи луѓе да ги кажуваат. А со овие трудови и писма имаме многу информации за организација на скијање, унапредување и развој на спортот и слична тематика, вели Божиновски.
Бранислав Светозаревиќ од Тетово е член на Љуботен, а како доктор по историски науки и долгогодишен раководител на Архивот на Македонија ја потенцира важноста за зачувување на историското минато преку предметите и документите што ги има ПК „Љуботен“. Со нив се дознава како започнале скијањето и планинарењето на Шар Планина, но воопшто и овие спортови во Македонија. Воедно со историските предмети се зачувуваат и спомените на луѓето, кои со својот придонес, залагање направиле основа за она што денес го имаме како оставнина, традиција, потенцира тој.
– Предметите се непосредните докази и непосредните врски со нивните создавачи и корисници изминатите децении наназад. Тоа се предмети што нашите најстари членови на клубот ги користеле и со нив ја создавале историјата на спортот во Македонија. Благодарејќи на донациите на нивните семејства клубот денеска грижливо ги чува овие предмети. Секој од нив раскажува посебна приказна, а нивната патина нè потсетува дека ние не сме оние кои нешто први сме измислиле, нè потсетуваат дека сме должни да го продолжиме патот на нашите претходници и, секако, да ги чуваме овие предмети за иднината, вели Светозаревиќ.
Дел од фотографиите и документите се чуваат во специјализирани професионални колекционерски албуми, чиј материјал е создаден и со намера да биде заштита за хартијата. Сите предмети се запишани под реден број на инвентар на име на библиотеката на планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово.