Градот Охрид највисокото општинско признание „Патрон на градот- Св. Климент Охридски“ за 2019 година постхумно ќе му го додели на прерано починатиот градоначалник Проф. д-р Јован Стојаноски.
Такавата одлука во конкуренција на пет апликации ја донесе градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, на предлог на Стручната комисија за доделување на општински награди и признанија. Во образложението на решението Георгиески наведува дека со постхумното доделување на највисокото општинско признание – наградата „Патронот на градот- Св. Климент Охридски“ на прерано починатиот градоначалник Јован Стојаноски му се оддава должна почит и заслужено место во современата историја на Охрид.
Истовремено објавени се и добитниците на повелбата, наградата што ја доделува Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување награди и признанија при Советот на Општина Охрид. Од доставените осум апликации и еден предлог на комисијата, повелбите за 2019 ќе ги добијат Виолета Петкоска, професор по одделенска настава во ОУ „Кочо Рацин“, за нејзините остварувања во образованието како наставник, едукатор, креатор на иновативни идеи и реализатор на повеќе проекти со меѓународна верификација, додека втората повелба оди во рацете на Планинарската спасувачка служба, за успешното етапно реализирање на трансграничниот проект за спасување на планина, со што видно придонесува во збогатувањето на туристичката понуда и безбедно одвивање на разните активности, пред се на планината Галичица.
Наградата и повелбите „Патрон на градот- Св. Климент Охридски“ ќе бидат врачени на свечената академија што во рамките на одбележувањето на патрониот празник на Охрид ќе се одржи на 7 декември во Центарот за култура „ Григор Прличев“ со почеток во 20 часот.